Бизнис
18. August 2017 - 21:36

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања околу пензиите

Нема кратење на пензиите, туку покачување од по 180 денари месечно или вкупно 2160 денари за 2017 согласно законската обврска за усогласување со растот на трошоците на живот, изјави министерката Мила Царовска според која ВМРО-ДПМНЕ е таа која им кратела на пензионерите од целиот износ што им следува.

- Ние ќе им дадеме за една година 2.160 денари. Во 2016 година пензионерите едонкратно добија 630 денари зашто усогласувањата, двапати годишно, ВМРО-ДПМНЕ ги скрати. Со тоа им било скратено правото на пензионерите, како растат трошоците за живот и платите, така да им растат и пензиите. Секоја година ВМРО-ДПМНЕ укинуваше по некој член, а даваше пет отсто или практично, четири пати помала сума, изјави Мила Царовска. министерка за труд и социјала.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја разграничи законската обврска за усогласувањето на трошоците на живот кое го правеле и оваа и претходната влада, од линеарните покачувања кои ги правела владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Околу пензиите партиите разменуваа изјави, соопштенија и реакции во текот на целиот ден. ВМРО-ДПМНЕ смета дека владеачката партија ги манипулира пензионерите и ги укинува покачувањата.

СДСМ, пак, реагира дека опозициската партија шири лажни вести и дека се се спроведуваат зацртаните реформи што носат повисоки плати и пензии, работни места и унапредување на социјалната заштита.