Завршија истражувањата на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане
Завршија годинашните истражувања кои ги спроведоа стручните лица од Иститутот за историја и археологија од Филозофскиот факултет од Скопје во соработка со кумановските археолози на локалитетот Градиште, кај село Младо Нагоричане. Археолозите пронајдоа увезена керамика од Егејот, декоративна камена пластика и делови од јонски столбови.
- И годинава продолживме со истражување на каналот кој го пронајдовме во изминатите истражувања, изјави Дејан Ѓорѓиевски, археолог и директор на НУ Музеј-Куманово.
Во наредниот период ќе следи обработка на пронајдениот материјал и документирање. Археолозите под водство на проф. д-р Марјан Јованов овој пат се концентрирале кон поширокиот простор околу репрезентативниот објект, палата која е пронајдена во претходните истражувања.
- Локалитетот е важен за македонската археологија затоа што веројатно претставува најсеверната точка до каде што се констатирани медитеранските, хеленистички елементи на културата и додека не се откри Градиште, никој не претпоставуваше дека на овој дел од Македонија се живеело толку цивилизирано во палати со столбови кои што се во стилот со оние кои се наоѓаат во Егејот, изјави Ѓорѓиевски.
Повеќеслојното наоѓалиште археолозите го истражуваат четири години по ред и досега откриени се делови од градби, меѓу кои значајни се остатоците од градбата кои најверојатно припаѓале на луксузна резиденција или палата, која датира од 4 век п.н.е. Пронајдена е и богата декоративна камена пластика и капители од јонски столбови.
Локалитетот Градиште во Младо Нагоричане првпат е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот. Истражувањата на локалитетот се поддржани од Владата на Република Македонија.
Ново на Сител
-
Рубио: Се надевам на скоро дипломатско решение за завршување на војната во Украина
-
Хајди Клум, со својот фустан, ги прекрши правилата на Филмскиот фестивал во Кан
-
Појавата на проширени вени можно поврзана со развој на деменција
-
Реткиот „Медитеранско син“ дијамант од 10,03 карати продаден за 19,2 милиони евра
-
Австриската министерка за надворешни работи Мајнл-Рајсингер утре во Скопје
-
МОН ќе ги покрива трошоците за учество на средношколци на меѓународни научни олимпијади
-
Хаварија во Пинтија, од резервоар на приватен објект се излеале хемикалии
-
Арбен Таравари си поднесе оставка од министерската функција