Димитров во Атина на средба со Коѕиас

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров претпладнево во Атина се среќава со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, јави дописникот на МИА.
По тет-а-тет средбата која е во тек во грчкото МНР, ќе следува состанок во проширен состав, по што двајцата министри ќе одржат прес-конференција. По изјавите за медиумите, Коѕиас ќе организира работен ручек во чест на неговиот македонски колега.
Министерот Димитров попладне ќе се сретне и со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а потоа и со Јоргос Кумуцакос кој е одговорен за надворешна политика во најголемата опозициска партија Нова демократија.
Коѕиас вчера во Атина имаше средба со министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, по која одговарајќи на новинарско прашање изјави дека очекува средбата со Димитров да биде добра и креативна.
- Мислам дека, пред се, тоа е состанок за запознавање. Второ, тоа е средба за да размениме мислења за развојот на настаните во односите меѓу двете држави во последно време, и како ќе се движиме напред. Имаме некои нови размислувања и предлози кои ќе ги утврдиме во врска со мерките за градење доверба меѓу двете држави, истакна Коѕиас.
Тој рече дека грчката страна ќе покаже и уште еднаш ќе потврди дека она што е прво за Грција е стабилноста и безбедноста на регионот и на нашата земја. Коѕиас истакна дека не верува оти со Димитров ќе разговараат за името, затоа што тоа ќе биде состанок за запознавање на кој најверојатно ќе дискутираат за методот за продолжување на разговорите за односите меѓу двете земји.
- Никола Димитров има исто име со претходниот министер за надворешни работи во Скопје, како и со мене - знаете, во ПЈРМ најчесто име е „Никос“, кој за нас е заштитник на морињата. Мислам дека тој е искусен човек, тој учествувал во преговори со други влади, тој е дипломат, кој се надевам и сигурен сум дека ќе го искористи потенцијалот за барање решенија, изјави шефот на грчката дипломатија.
Тој повтори дека во меѓународните односи, држава, особено во нашиот регион, треба да покаже способност за усвојување на култура на компромис и консензус.
- Јас често им истакнувам на моите пријатели, на нашите партнери во меѓународните организации, дека начинот на кој тие се однесуваат кон оваа земја ја научи, во голема мера, да не прави компромиси и да нема политичка култура на консензус. Како што знаете, ги предупредив пред две и пол години, кога станав министер, дека тоа, исто така, ќе се префрли на домашната политичка сцена, рече Коѕиас.
Тој информира дека пораката што ја добил од разговорите што ги имал лично со премиерот Заев, од разговорот меѓу двајцата премиери Заев и Ципрас, и од неговите телефонски разговори со Никола Димитров, „е дека тие покажуваат позитивен став и намера да завршат со иредентизмот“.
- И никој нема да биде позадоволен и посреќен од мене, ако завршиме со оваа цела приказна, која, како што често велам, историјата ја претвора од училиште во затвор, истакна Коѕиас осврнувајќи се на денешната средба со Димитров.
Ново на Сител
-

Турција, Пакистан и Саудиска Арабија формираат воено-политички механизми во рамките на новиот одбранбен пакт
-

13 лица повикани на информативен разговор поради ширење на лажни информации за водата во Скопје
-

Евакуации по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар | ВИДЕО
-

Предметот против против Груби и уште седуммина за „Државна лотарија“ почнува на 24 август
-

Пожар на првиот крак на Халкидики – пораки од бројот 112 за евакуација на Сивири и Фурка
-

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени
-

Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
-

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор до 13 часот, два се под контрола, а два изгаснати
