Свет
20. July 2016 - 15:42

Ник Клег: Владата на Меј ќе мора да се бира меѓу економијата и мигрантите

Поранешниот лидер на британските либерал демократи Ник Клег денеска изјави дека новата Влада на премиерот Тереза Меј ќе мора да се определи меѓу економијата и намалувањето на бројот на мигранти во земјата.

Во авторски напис во таблоидното издане „И“ на згаснатиот весник „Индепендент“, Клег предупредува дека премиерот Меј не може да им ветува на Британците обезбедување пристап до заедничкиот пазар на ЕУ, без притоа да се согласи со основните правила на Унијата, меѓу кои како најважно е слободното движење на луге и на работна сила.

Изјавата на Клег, кој додека беше заменик премиер во коалициската влада на Дејвид Камерон, беше остро против напуштање на ЕУ, како и против организирање референдум за Унијата, доаѓа во време додека владата во Лондон се подготвува за почнување преговори за раздружување со Брисел, но и кога се настојува да се корегира практично неоствараливиот план на претходната Влада за сведување на миграцијата на ниво од пред триесетина години.

Блокирањето на приливот на мигранти од земјите членки во ЕУ, на британска територија беше повод за отворање на прашањето за идните односи меѓу Унијата и Велика Британија, при што Лондон под притисок на евроскептиците, бараше од Брисел правилото за слободно движење на работната сила да се укине или барем да не се однесува за Велика Британија.

Во кампањата за Брегзит, тоа беше означено како начин за „повторно преземање на контролата на границата“.

Според Ник Клег, инсистирањето на блокадата за влез на работна сила од земјите членки на ЕУ, ќе го оневозможи пристапот на Велика Британија на заедничкиот пазар, што водачите на Брегзит и новата Влада го означуваат како основа за успехот на операцијата за напуштање на Унијата.

Со прописите на ЕУ, можно е земја која не е членка на Унијата и не учествува во гласањето за носење на одлуките за нејзиното функционирање, да има пристап на заедничкиот европски пазар, но таа мора да ги прифати сите основни правила врз кои се темели европското интергрирање.

Во тоа влегува и обврската за прифаќање луѓе и работна сила од земјите на ЕУ, поради кое и се организираше референдумот од 23 јуни за излегување од Унијата.