Фудбал
22. November 2023 - 8:52

Нереди на трибините пред натпреварот Бразил – Аргентина

Бразилската полиција интервенираше против аргентинските навивачи пред јужноамериканскиот квалификациски натпревар за Светското фудбалско првенство во 2026 година. За време на нередите кои избија на трибините на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, полициските службеници мораа насилно да ги смират гостинските навивачи, при тоа беа користени и палки.

Во ситуацијата интервенираа играчи од репрезентациите на Аргентина и Бразил. Во еден момент гостинскиот голман Емилијано Мартинез се обиде да му ја одземе палката на еден полицаец.

Капитенот на светскиот шампион од 2022 година, Лионел Меси, го предводеше тимот до соблекувалната по нередите на трибините. Исто така, Меси влезе во конфликт со бразилскиот напаѓач Родриго пред натпреварот.

Средбата на „Маракана“ започна 27 минути подоцна од предвиденото и заврши со победа на Аргентина со 1:0.