Македонија
11. November 2019 - 16:52

Нема информација колку фирми и лица се казнети за загадување на воздухот, Владата набавува прочистувачи на воздух за министерствата

Се уште нема резултати од координираната акција за офанзива против загадувањето која ја најави Владата. Министерот за животна средина, Нуредини не знае колку загадувачи се пронајдени и дали воопшто се изречени казни. Се пофали дека вчера лично бил во обиколка во Тетово, но не кажа дали некој од загадувачите добил казна.

Наместо да го решаваат проблемот, надлежните повторно вината за загадувањето ја префрлаат еден на друг. Велат, општинските инспекциски служби не си ја работат својата работа.

Сепак, според Нуредини, државните институции се оние кои први треба да се гасифициираат за да послужат како пример за домаќинствата.

Инаку, во тек е оглас за набавка на 190 прочистувачи на воздухот. Владата преку Генералниот секретаријат бара понуда за овие прочистувачи. Иако не се знае колку пари од Буџетот ќе се излеат за оваа намена, пресметката на Алијансата за Албанците вели дека ќе се потрошат над 2 милиони денари.

Прочистувачи на воздухот досега добија само средните училишта во Скопје. Но ретки се оние основни школи кои имаат прочистувачи во училниците. Само новото, „Киро Глигоров“ има систем на прочистување на воздухот.

Во меѓувреме, државниот инспекторат за животна средина соопшти дека донел решение за забрана на работата во рок од 30 дена на компанијата „Пејпар Мил“ од Кочани поради отпадните гасови што излегувале од котларата на оваа компанија. Правниот субјект во овој рок е должен да ги острани недостатоците кои предизвикуваат загадување на воздухот.

– Доколку во предвидениот рок не се постапи според упатствата од решението на Државниот инспекторат за животна средина за забрана за работење, против правното лице ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна потапка и ќе продолжи забраната за работа, се посочува во соопштението.

Откако паднаа температурите на воздухот, како и секоја година, Скопје и Тетово, но и другите македонски градови се на врвот на листите по загадување.