Свет
22. March 2023 - 9:49

ОН: Недостигот на вода може да стане глобален проблем

Недостигот на вода поради нејзината прекумерна потрошувачка и климатските промени може да доведат до глобална криза на водата, предупредија ОН во извештајот објавен синоќа.

Околу две милијарди луѓе немаат пристап до вода за пиење, а 3,6 милијарди немаат пристап до безбедни санитарни системи, се наведува во извештајот на агенцијата UN-Water и УНЕСКО пред денешното отворање на Конференцијата на ОН за вода во Њујорк.
 
Денеска започнува првата конференција на ОН за вода од 1977 година. Илјадници делегати ќе присуствуваат на тридневниот состанок во Њујорк.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека водата, која е „крвотокот на човештвото“, се троши поради неодржлива употреба, загадување и неограничено глобално затоплување.

Во извештајот се предупредува дека „недостигот на вода станува ендемичен“ поради прекумерна употреба и загадување, додека глобалното затоплување ќе го зголеми сезонскиот недостиг на вода и во областите богати со вода и во областите со недостиг на вода.

Ричард Конор, водечки автор на извештајот, рече дека околу 10 отсто од светското население моментално живее во области каде недостигот на вода е голем или критичен.

Според најновиот климатски извештај на ОН објавен вчера, околу половина од светското население има недостиг на вода барем дел од годината.

Конор изјави дека „неизвесностите се зголемуваат“ кога станува збор за глобалното снабдување со вода и дека дефинитивно ќе има глобална криза доколку не се реши проблемот.

Заменик-генералниот секретар на ОН, Уша Рао Монари, кој е официјален домаќин на конференцијата за вода на ОН, изјави за Би-Би-Си дека во иднина ќе треба повнимателно да се управува со ресурсите. „Има доволно вода на планетата ако управуваме со неа поефикасно отколку што правевме во изминатите неколку децении“, рече таа.

Самитот, чиј домаќин се владите на Таџикистан и Холандија, ќе собере околу 6.500 учесници, меѓу кои 100 министри и десетина шефови на држави или влади.