Македонија
14. September 2024 - 16:32

Недостатокот на работна сила и нови високомлечни раси говеда го доведуваат во опасност производството на млеко

Сточарството во Македонија има големи перспективи и можности за развој, како и производството на млеко и сирење, кое може наголемо да се продава во странство, но ни недостасува стратегија како да се подобри целата ситуација. Ова е ставот на сточарите кои денеска ги изложија своите производи на 3 по ред настан Млеко 2024 во Прилеп.

„Исплатливо е сточарството, но младите го напуштаат прво дека е тешко, второ не им се работи и трето ако сакаш нешто да работиш треба да го работиш со љубов“, кажа Александар Јовчески, сточар од Долнени

„Тоа што ќе го произведеме целото го продаваме, нема пласман со производството. За 10 години ако продолжи вака состојбата со овчарството за 10 години ќе има само 30% од сега“, додаде Тони Маркоски, сточар од Прилеп.

Македонските производители воведуваат и нови технологии и начини на производство.

„Специјално за настанов направив зреено сирење кое што го научив во Италија, ова е чисто за дегустација во моментов го немаме во продажба“, рече Даниел Мирчески, сточар од Прилеп.

Најголем проблем останува недостигот на работна рака, како и увозот на нови раси на говеда.

„Да се вложува во сточарството, да се вложува во понови технологии, да се пласираат македонски производи на странските пазари“, рече Даниел Мирчески, сточар од Прилеп.

„Луѓе за работа околу стоката, работници, има слабо, не може да се најдат и затоа ние не можеме да се прошириме со сточарството“, кажа Игор Попоски, сточар од Битола.

„Помлечни раси да земат и тоа е голем проблем во Македонија, не можиме уште со македонските раси во денешно време, рентабилноста е многу мала“, истакна Дејан Ѓорѓиевски, производител на сирење.

Настанот е во организација на Slow Food, а целта е поддршка на малите производители.

„При изборот на производи да избереме домашно и така ќе овозможиме да растат производителите на сирење“, истакна Тодорка Наумоска, Slow Food Prilep.

„И дека успешно нашите прашања кои ги подигнуваме од центарот на Прилеп ќе стигнат подалеку до институциите и ќе се дискутураат истите на пошироко ниво“, изјави Елена Кароска Гошеска, програмски координатор на Slow Food.

Се одржаа и конференција за тоа како климатските промени влијаат врз сточарството.