Македонија
10. January 2020 - 18:58

Назначени 12 раководители и заменици во МВР, предлогот на Чулев за СВР-Скопје без потпис на Петровска

Дванаесет раководители и 12 дополнителни заменици раководители на сектори и оддели во Министерството за внатрешни работи се назначени денеска, согласно член 44 од Законот за Влада на Република Македонија.

Ова стои во денешното соопштение на МВР, објавено по состанокот на кој присустуваа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Славјанка Петровска, заменикот министер за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.

Сепак усогласенот за кандидатите за раководители и нивни дополнителни заменици Чулев и Петровска имале за сите имиња, освен за едно, а тоа е предлогот на Чулев за началникот на Секторот за внатрешни работи – Скопје, Ристо Ставревски. Но неговото име како назначен на оваа позиција сепак фигурира во соопштението на МВР, но само со еден потпис.

Усогласени се ставовите на Чулев и Петровска за началниците и нивните дополнителни заменици во секторите за внатрешни работи во Охрид, Штип, Битола, Велес, Струмица, и за Одделението за внатрешни работи во Прилеп. Потписи за именување на началниците и нивните дополнителни заменици Чулев и Петровска освен за овие сектори, ставиле и за раководните позиции на Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди, Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ, на Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, како и за командатот на единица за специјални задачи во Оддел за специјални полициски операции во БЈБ.

Дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска во изјава за МИА вели дека таа не ја потпишала одлуката за назначување на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје. Потпис ставила за дополнителниот заменик-началник на СВР – Скопје Тони Јакимовски и вели во соопштението на МВР Ставревски е споменат како назначен, но назначувањето е без нејзиниот потпис.

Таа за МИА вели дека се одлучила на овој чекор бидејќи за Ставревски имало аудио снимки од кои можело да се чуе дека тој врши притисоци врз гласачи.

Петровска за МИА потенцира дека согласно законот потребни се два потписа, бидејќи тоа е предвидено за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада.

-Не можам да се согласам со нивниот предлог, според законот министерот предлага, согласно законот имаме врзани потписи, вели Петровска и додава дека е логично ако нејзиниот потпис е потребен за другите назначени, да биде потребен и за овој предлог.

На денешниот работен состанок во МВР Илија Милески е именуван за началник на СВР Охрид, а Сашо Смилески за дополнителен заменик-началник,  Александар Николов е именуван за началник на СВР Штип, а Марјан Коцев за дополнителен заменик началник. Андреј Василевски ќе ја извршува функцијата началник на СВР Битола, а Славко Јовановски дополнителен заменик началник на овој Сектор.  Трајче Георгиоски ќе биде началник на Одделот за внатрешни работи Прилеп во СВР Битола, а Игор Каравилоски дополнителен заменик началник.

Игор Ангеловски е нов началник на СВР Велес, а Злате Јаневски дополнителен заменик началник. Васил Тодоров е именувани за началник на СВР Струмица, а Танчо Пројковски за дополнителен заменик началник на овој Сектор.

Филип Филиповски ќе биде помошник на министерот на Одделот за внатрешна контрола криминилистички истраги и професионални стандарди, Дејан Андонов дополнителен заменик помошник во овој Оддел. Сашо Зенговски ќе биде началник на Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, а Бранко Трајановски дополнителен заменик началник на овој Оддел.

Ивица Бисовски се именува на работно место командант на единица за специјални задачи во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, а Митко Таневски за дополнителен заменик командант во истиот Оддел.

Александар Јанев се именува за началник на Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ, а Лазо Велковски се именува за дополнителен заменик началник во овој Оддел.

Васко Наумовски ќе биде началник на Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје во БЈБ, а Примислав Димовски дополнителен заменик началник во оваа Единица.

Во соопштението на МВР министерот Чулев и дополнителниот заменик министер Петровска нагласиле дека законите мора да се почитуваат и да се исполни основната цел, покрај стандардните за гарантирање на јавниот ред и мир, а тоа е организирањето на мирни, фер и демократски избори на 12 април.

-Чулев и Петровска ја потенцираа добрата меѓусебна соработка и посочија дека таквата соработка треба да биде пример и за другите раководители, кои мора да соработуваат во интерес на граѓаните. МВР е специфично министерство кое не дозволува импровизации и хиерархијата мора да се почитува и оттука, во своето постапување, сите полициски службеници и вработени се должни да постапуваат согласно законските одредби, се наведува во соооштението на МВР.

Назначувањата се согласно ингеренциите што техничкиот министер ги има. Тој може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност со закон. Чулев, како што дознава МИА од доброупатени извори, планира останатите три назначувања, колку што предвидува законот, да ги искористи за СВР Тетово и Куманово и за Одделот за телекомуникациии информатика.

Првиот човек на МВР во техничката Влада може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсот од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.