Македонија
17. December 2024 - 12:47

Народна банка: Подготвени се Насоки за банките и Брошура за лицата со оштетен вид

Народната банка ги зајакнува активностите за подобрување на животот на лицата со попреченост преку олеснување на пристапот до финансиски услуги. За таа цел централната банка изработи Насоки за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор, коишто опфаќаат поголемо олеснување на физичкиот пристап до локациите и инсталирање дигитални платформи, вклученост при осмислувањето на банкарските производи, како и подобра информираност на овие корисници на банкарски услуги. Народната банка изработи и испечати и Брошура наменета за лицата со оштетен вид, којашто би придонесла за нивна поголема финансиска едукација и подобро информирање за нивните права.

На презентацијата на Насоките и Брошурата во Народната банка којашто се одржа пред претставниците на банките и надлежните институции, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска упати порака до институциите и банките заеднички да обезбедат интеграција и поддршка за лицата со попреченост во сите аспекти од животот, вклучително и во економската сфера и финансиите.

- Иако банките ја препознаваат потребата да ги приспособат начините на користење на услугите од страна на лицата со попреченост, сепак анкетата спроведена од Народната банка од почетокот на 2024 година, утврди дека се потребни поголем број шалтери и банкомати приспособени за лицата со попреченост, како и рампи за пристап до банкарските објекти. Потребно е да се унапредува и правната рамка во оваа област, односно да се подготват интерни акти со кои ќе се обезбеди подобра пристапност до финансиските услуги за лицата со попреченост. Според доставените одговори на анкетата, банките многу ретко обезбедуваат рекламни материјали за лицата со попреченост, специфично кредитирање осмислено за оваа група граѓани, како и специјални програми за финансиска едукација на лицата со попреченост. Овие податоци покажуваат дека ова претставува област во која мораме да работиме заедно, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска, повикувајќи ги банките да ги земат предвид Насоките и активно да работат на подобрување на пристапноста на своите услуги за лицата со попреченост.

Презентирајќи ги Насоките и Брошурата, директорката на Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во Народната банка, Елизабета Недановска, нагласи дека со олеснување на пристапот на лицата со попреченост до финансиски услуги значително ќе се зголеми нивниот потенцијал за економска независност и социјална интеграција.

-Во рамките на МБА, спроведовме анкета за пристапноста до финансиските услуги за лицата со попреченост од која добивме увид во состојбата во секторот и оттука произлегоа препораките и насоките за делување коишто секоја од институциите индивидуално ќе ги спроведува, истакна заменик-претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Бојан Стојаноски. 

Покрај тоа, како што посочи Стојаноски, во МБА е формиран и Комитетот за едукација, којшто предвидува обуки за вработените за примена на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и зајакнување на нивните комуникациски вештини. 

-Вклучувањето на лицата со попреченост во банкарскиот сектор не е само обврска, туку и можност за банкарските институции да покажат дека се предводници во иновациите и општествената одговорност и вклученост. Преку ваквите чекори, можеме да создадеме поинклузивно општество каде што секој ќе има еднаков пристап до финансиски услуги. Да ги направиме нашите банки достапни за сите – затоа што сите заслужуваат да бидат дел од економскиот живот, нагласи претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Лимко Бејзароски.

Според податоците од Светската здравствена организација, околу 15 отсто од светската популација страдаат од одреден вид попреченост и овие луѓе често се борат со сиромаштија и невработеност. Оттаму, Народната банка во изминативе години презема активности за подобрување на пристапноста до финансиските услуги на лицата со попреченост, што како потреба е предвидено и во документите донесени од Народната банка, и тоа Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и Циркуларот за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги.

Како што посочуваат во соопштението од Народната банка, заложбите се однесуваат на вклученост на лицата со попреченост, следејќи ги меѓународните стандарди и регулативи, како Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации.

Ново на Сител