Македонија
9. October 2025 - 12:26

Најмасовна крводарителска акција досега организирана во Струмица

Во Струмица се одржа најмасовната крводарителска акција досега во регионот, при што за само неколку часа беа собрани над 160 единици крв. Колона од граѓани стрпливо чекаше да ги помине неопходните лекарски контроли и да стане дел од оваа благородна мисија.

Од општинската организација на црвениот крст велат дека посебно радува фактот што, покрај долгогодишните дарители, во акцијата се вклучиле и голем број нови лица кои за првпат дарувале крв. Според нив, тоа е јасен показател дека во Струмица постои висока крводарителска култура.

Акцијата беше насловена „По патот на Гиго“ и се реализираше во чест на Глигор Новачевски Гиго, поранешен член и волонтер во струмичкиот Црвен крст, кој според неговите колеги, бил симбол на пожртвуваност и хуманост во рамките на организацијата.

Општинската организација на црвениот крст во Струмица акцијата ја реализираше во соработка со клубот на крводарители и службата за трансфузиона медицина. Според најавите, акцијата ќе стане традиционална и од наредната година ќе биде дел од редовниот календар на крводарителски активности.