Македонија
10. October 2017 - 16:11

Најавени низа свечености за Денот на народното востание

Со повеќе свечености утре ќе биде одбележан Денот на народното востание - 11 Октомври, во организација на Владата, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.

Централниот настан по повод 76 годишнината од овој значаен настан од историјата на Македонија, ќе се одржи пред споменикот на ослободителите на град Скопје во дворот на Владата со почеток 10:45 часот.

Венци со цвеќе пред споменикот ќе положат делегации на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски, на Владата, предводена од премиерот Зоран Заев, делегација на АРМ предводена од заменик началник на Генералштабот генерал-мајор Мухамет Рацај, како и други делегации на државни институции и дипломатскиот кор.  

Предвидени се кратки обраќања на Стојановски, Заев и Рацај, како и изведба од воениот оркестар на АРМ. 

Во текот на денот, владина делегација ќе присуствува и на свеченото доделување на државната награда „11 Октомври“ за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија, кое ќе се одржи во Собранието на РМ.

Соодветна програма и активности по повод празникот 11 октомври е предвидено да се одржат и во Прилеп и Куманово, во организација на Владата и двете општини.

Владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, утре во 09:30 часот ќе положи цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто и Кузман Јосифовски Питу, како и на спомен обележјето Могила на непобедените. 

Цвеќе на овие спомен обележја во Прилеп ќе положи и делегација на АРМ и на Министерството за одбрана предводена од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска. 

Општина Прилеп организира и изложба на рачни изработки „Килимијада“ на плоштадот на Градскиот саат и „Tuning Car Show“ на булевар Гоце Делчев. 

Во Куманово, пак, во 11:30 часот, со положување цвеќе во Спомен костурницата во овој град, празникот ќе го одбележи владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Таму е предвидено обраќање на градоначалникот на Куманово,  Зоран Дамјановски, изведба на химната од страна на градска музика „Илинден“, Куманово, и кратка пригодна музичка програма во изведба на учениците од СОУ-Гимназија “Гоце Делчев”-Куманово. Во утринските часови општина Куманово организира низа спортски активности:  атлетски митинг, турнир во тенис, пинг-понг и одбојка.