Македонија
6. December 2023 - 16:28

Надлежните очекуваат експресна екстрадиција на Палевски во Македонија

Министерството за правда веќе побарало од турските власти да го задржат Палчо во притвор се додека не биде испорачан во Македонија. Во соопштението објавено утрово објаснуваат дека ќе делуваат брзо и нема да ги чекаат крајните рокови.

“Министерството за правда денеска во 09:20 часот доби официјално известување од Интерпол, дека лицето Љупчо Палевски, баран со меѓународна потерница е лишен од слобода во Турција. Министерството за правда ја почна постапката за екстрадиција и ги прибира сите документи од институциите кои се потребни за нејзина реализација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје  за да се комплетираат уредно списите како би можело Министерството за правда да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и  нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“ – се вели во соопштението од Правда

Експедитивни и во обвинителството. Велат, веќе го подготвиле барањето за екстрадиција на Палчо кого го товарат за две киднапирања и две свирепи убиства.

„Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Република Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од ИНТЕРПОЛ, Анкара е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во Република Турција. Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација“ – се вели во соопштението на Обвинителството.

Информацијата дека Палевски е уапсен во Турција вчера доцна вечерта ја соопшти Министерот за внатрешни работи

Кога ќе се комплетира целата постапка, турските власти ќе го спроведат Палевски до Македонија. Тука веќе го чекаат 30 дена притвор а ќе му биде судено за едно од најтешките кривични дела за кои се заканува и доживотен затвор.