Можно е дополнително намалување на акцизата за бензините, ДДВ-то на дизелот останува исто
Владата засега не размислува повторно да го спушти ДДВ-то на дизелот. Намалените акцизи на горивата остануваат во сила, но има можност за дополнително кратење кај бензините, од 2 на 4 денари.
„Треба да се види сега во втората половина од април која е просечната цена и на безоловниот и на дизелот и на тој начин ќе се носи одлука на Влада во делот на акцизите. Веќе дизелот беше над 1200 долари по тон, што значи тие 4 денари секако ќе останат, а безоловниот беше под 1200 долари по тон, имаше 2 денари, но очекувам сега и тој да отиде над 1200, така што и таму ќе имаме 4 денари по литар, повторно намалени акцизи“, изјави премиерот Мицкоски.
Од досегашните преземени мерки, единствено заврши намаленото ДДВ на дизелот, а сите останати се во тек. Повластената стапка од 10 проценти ДДВ кај бензините се уште важи, а со најголемиот снабдувач се преговара за продолжување на попустот кој истекува утре.
Со овие мерки, Македонија има најевтини горива во регионот, а потврда за тоа премиерот гледа во податоците на ММФ кои ја рангираат државата како трета во Европа според поддршката за справување со кризата. Мицкоски истакна дека инфлацијата е под контрола и се движи под 5 проценти, што е значително подобрување во однос на кризната 2022 година. Иако мерките го чинат буџетот, тој порача дека заштитата на стандардот на граѓаните е поважна.
„Се бориме да го задржиме стандардот и во овие два месеци и покрај епски големите предизвици коишто ги имаме и би рекол историски најголемата енергетска криза којашто според Светската енергетска агенција е поголема од двете кризи во 70-тите години од минатиот век и онаа од 2022-та заедно, сепак покажуваме жилавост и така и ќе продолжиме и понатаму да се бориме“, кажа Мицкоски.
Од вчера, со одлука на Регулаторната комисија, бензините се точат за два денари поскапо, а дизелот за два и пол денари поевтино.
Цената на нафтата на светските берзи, пак, расте брзо и надмина 115 долари за барел.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
