Македонија
8. August 2024 - 16:39

Мораториум на носење нови животни во скопската Зоолошка градина, бара Зелен хуман град

По евтаназијата на слоницата Дуња, еко-аквистите бараат затворање и трансформација на скопската зоолошка во центар за рехабилитација на животни кои природно живеат во Македонија. 

Зелен хуман град ќе поднесе иницијатива до советот на Град Скопје за мораториум на носење нови животни.

„Колку е интересно да видиш животно во депресија? Колку е интересно да видиш некое животно кое лежи во некој ќош, слабо, умира, не му е интересно. Каква порака оставаме на младите со тоа? Види ја таа мечка која врти кругови зашто побудалела бидејќи е затворена во кафез 24/7. Веќе ги труеме тие животни што се таму со лоши услови и тон дискотеки околу нив. Замислете, ние се буниме, не можеме да спиеме од гласното, а тие таму имаат 6 дискотеки околу нив кои им ечат, камо ли нешто друго“ – Горјан Јовановски, Зелен хуман град 

Според Јовановски, подобро е зоолошката да биде дигитализирана, а посетителите со помош на технологијата, виртуелно да ги гледаат животните како да се пред нив.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се сложува. Велат не е потребен мораториум, туку подобрување на условите.

„До пред некоја година бевме со статус за членка на асоцијацијата ЕАЗА. Тоа е асоцијација која се грижи за животните, за размена на животните, за подобрување на условите, за финансирање на условите во живеалиштата во зоолошките градини. Но, за жал, последните години тоа ние го изгубивме како членка, од причина што имаме помор на животни, за жал, како што сме немале во последните 50 години.  Тоа е една многу жална слика за градот и затоа мислам дека решение на оваа ситуација е Градот Скопје ги подобри условите во зоолошката градина, да се зафати градоначалничката со работа како што треба и доликува на еден градоначалник“ – Мартин Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ

Скопската зоолошка е најстара на Балканот. Датира од далечната 1926 година. 

По смртта на Дуња, сега остана само слоница. Лани беа отруени три расни коњи, а угина и последната жирафа, па сега на зоолошката и остана само статуата во облик на жирафа.