Македонија
25. јуни 2022 - 12:54

Митева: Доколку навистина имало хибриден напад врз државата, владата мора да понесе одговорност

Македонија доживеа тотален дебакл и трајно нарушување на преговарачките позиции со Бугарија заради ненародната и неспособна власт предводена од СДСМ и ДУИ.

Владата на СДСМ и ДУИ обвинува за хибриден напад, но не кажува зошто дозволила тој да се случи и зошто не бил спречен. Што точно подразбираат, Османи и Маричиќ под хибриден напад во државата?

Доколку навистина имало напад врз државата, доколку како што вели и Османи имало хибриден напад, тогаш и тој, и Маричиќ и Ковачевски мора да имаат одговорност, бидејќи истиот не бил спречен на време и државата била нападната. Дали владата на Ковачевски прави дефокус од одговорноста за продажбата на државните интереси?

Оваа власт континуирано го применува принципот „сите други се виновни, само ние не“. На Димитар Ковачевски за тоталниот неуспех во преговорите и неуспехот во распродажбата на државните интереси му се виновни експертите и граѓаните, на Бујар Османи и Бојан Маричиќ им е виновен хибридниот напад врз државата.

СДСМ треба да знае дека најголемиот виновник за состојбите во кои се наоѓа Македонија е токму владата на Ковачевски. Најголемиот хибриден напад кој и се случува на државата е токму владата на СДСМ и ДУИ, предводена од Ковачевски.

Вчера и Османи и Маричиќ јавно признаа дека ја лажеле целокупната македонска јавност дека го немале видено и разгледано францускиот предлог.

Токму вчера излезе на виделина она кое што со денови го потенцираме, дека Ковачевски, Османи и Маричиќ го преговарале и договарале овој штетен предлог за Македонија повеќе од 6 месеци, кој на крај и го прифатиле, за подоцна да се повлечат поради притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните.

Целиот план на Ковачевски, Османи и Маричиќ им бил преку блиц криг предлогот веднаш да помине во бугарското Собрание, што е одолговлечено поради оставката на бугарската Влада, а потоа и блиц криг операција за поминување на овој предлог во Македонија, преку креирање на еуфорија за почеток на преговорите.

Одговорност за овој целосен дебакл во процесот за преговори со ЕУ мора да има и за Ковачевски, и за Бујар Османи и за Бојан Маричиќ, одговорност и оставки за оваа трајна штета во преговарачкиот процес. Затоа изборите се единствено решение.

Прашање: Кој е ставот на партијата околу најавеното ново покачување на цената на струјата преку нов модел кој го утврдува РКЕ.

Одговор: Граѓаните ги очекува нов ценовен шок, од владата како награда и ќе следи драстично зголемување на цената на струјата за над 20%. И тоа е резултат на неспособноста на власта која наместо за тендери изминативе години во РЕК Битола, требаше да врши ископ на јаглен и да произведува електрична енергија. И цената за ваквото неодговорно однесување денес ќе го плаќаме ние граѓаните со енормно високи сметки за струја, а притоа во една ваква ситуација владата континуирано се противи на покачување на платите на работниците“, истакна Митева.

Неспособноста на власта ги чини граѓаните скапо, и затоа ВМРО-ДПМНЕ континуирано нагласува дека предвремени парламентарни избори се потребни час поскоро. Македонија со оваа власт не оди напред.

 Прес-конференција на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева