Македонија
31. March 2023 - 19:55

Министерството за здравство без конкретни одговори околу случајот со смртта на 6 годишната Јана

Министерството за здравство без конкретни одговори околу случајот со смртта на 6 годишната Јана Христовска. Фатмир Меџити не се појавува пред медиумите а од неговиот кабинет добивме краток одговор дека се уште не е готов извештајот на петчлената комисија која ја формираше министерот и чија задача е да утврди како било третирано девојчето.

-По извршениот стручен надзор во тек е разгледување на целокупната документација за текот на лекувањето на Јана во КБ Битола. Во финална фаза е изготвувањето на извештајот кој ќе биде доставен до министерот и до јавното обвинителство, ни одговрорија од Министерството.

Што утврдиле специјалистите од увидот на лице место и од медицинската документација, најверојатно ќе се знае идната недела. Според информации на Сител, 8 дена рок има Комисијата за даде анализа за надзорот.

И додека здравствените власти ги нема во јавност,  битолското обвинителство го чека обдукцискиот наод кој треба да покаже од што почина малата Јана само неколку часа по приемот во болница. Обезбедуваат докази и сослушуваат лица за кои сметаат дека можат да им помогнат во расветлување на случајот. Родителите, Стојче и Кристина Христовски досега не биле повикани во обвинителството. Тие, пак, во сведоштвото за Сител кажаа кои се нивните сомнежи и сакаат вистината да излезе на виделина.

Јана почина на 22 март само 5 часа по приемот во битолската болница. Состојбата и се влошила по примањето на инфузија. Смртта на девојчето ги зовре социјалните мрежи а пред два дена имаше и протести во Битола и Скопје – Правда за Јана, сите сме Јана..