Балкан
5. January 2025 - 18:13

Минатата година беше најжешката досега во Србија

Според податоците, просечната годишна температура во Србија во 2024 година изнесувала 13,3 степени Целзиусови, што е за 2,3 степени повисоко од просекот за периодот 1991-2020 година и речиси за еден степен повисоко од претходно најтоплата година – 2023 година.

„Рекордни температури беа забележани низ целата земја, како за просечната, така и за максималната и минималната годишна температура“, наведуваат метеоролозите.

Во извештајот се истакнуваат и рекордните четири топлотни бранови во текот на летните месеци и зголемен број тропски ноќи.

– Амплитудата на температурата во 2024 година беше типична за крајбрежните области на Шпанија, Италија или Грција во периодот 1961-1990 година, што значи дека 2024 г. тоа беше медитеранска година за Србија, изјави универзитетскиот предавач Ирина Лазиќ за специјализираната веб-страница Клима 101.