Милошоски: Незаконски избор на судии во Апелација, Камбовски изврши и кривично дело
Потпретседателот на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски го коментираше вчерашениот избор на судии во Апелацискиот суд нарекувајќи го незаконски, а за претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски на својот профил на Фејсбук напиша дека извршил и кривично дело. Трагично или не, вели тој, но реформи на судството со оваа постава во Судскиот совет не би можел да изведе ниту илузионистот Дејвид Коперфилд.
- Првата незаконитост е што ниту записниците, ниту двете ранг-листи на кандидати за избор на судии за Апелационен суд Скопје, не се потпишани и верифицирани во полн состав од Комисијата за рангирање на кандидати за избор на судија во повисок суд, која мора да има тројца членови, а потпишани се само двајца. Оваа Комисија, формирана со Одлука на РСС на 15.12.2023г., била во состав: Миљазим Мустафа-Претседател, Мирсад Суроји и Ивица Николовски, членови. Меѓутоа, Записниците и Предлог ранг-листите на кандидати за избор на судии на скопска Апелација од 14.01.2025 се потпишани од само двајца членови – Миљазим Мустафа и Ивица Николовски. Осум дена после некомплетното потпишување на записниците и ранг-листите на некого во РСС му станало јасно дека работат спротивно на чл.2 и чл.11 од Правилникот за начинот на рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд, па на 22.01.2025 е донесена Одлука за дополнување на одлуката за формирање на комисијата, така што на местото од Мирсад Суроји, да членува Аритон Ала, но со оваа одлука не може да се поправи веќе сторената груба повреда. Поради наведеното, предложената ранг-листа е НИШТОВЕН акт врз кој не може да се остваруваат права, ниту можело да се продолжи со процесот на селекција, пишува Милошоски.
Како второ, тој посочува дека сегашниот претседател на Советот, Александар Камбовски, сторил кривично дело неизвршување на судска одлука во врска со овој процес на рангирање на кандидати за избор во повисок суд.
- Имено, иако бил известен 5 месеци пред вчерашната седница, тој како претседател на РСС не постапил по конечно решение на Врховниот суд и правосилна пресуда на Управниот суд, со кои се укажува на сторени суштински повреди од страна на Судскиот совет на Законот за општата управна постапка и погрешно утврдена фактичка состојба во постапката на оценување на еден од кандидатите, што е спротивно на одредбите од Законот за Судскиот совет. Неизвршување на судска одлука претставува посебно кривично дело предвидено со член 377 од Кривичниот законик, во кој со став 2 е предвидена санкција парична казна или затвор до три години. Судскиот совет изборот на судии вчера го извршил без да го сочека одлучувањето на Управниот суд по тужба и предлогот за времена мерка поднесени против решение на Судскиот совет во постапката на оценување на кандидатите, наведува Милошоски.
Трето, пишува тој, решенијата за оценување на кандидатите (донесени во 2023г.) се потпишани од неовластено лице - Сашко Георгиев, кој немал овластување за потпишување на посочените акти.
- Бидејќи со Пресуда од 14.12.2023 на Управниот суд, се поништува Одлуката бр.02-934/1 на Судскиот совет со која В.Дамева се разрешува од функцијата Претседател на Судскиот совет. Дејството на оваа пресудата е ex tunc, односно се смета дека оспорената Одлука бр.02-934/1 не ни постоела во правниот промет, ниту пак можела да произведе било какво дејство. Со други зборови, во време кога се донесени решенијата за оценување на кандидатите Претседател на Судскиот совет била Весна Дамева, и таа требало да ги потпише решенијата, а не Сашко Георгиев, тогаш член на Судскиот совет. За отстранување на оваа противречност, решенијата за оценување на кандидатите можел да ги потпише новиот Претседател на РСС, Камбовски, но истиот не превземал дејствија за да го корегира овој пропуст, наведува Милошоски.
Како четврто, тој го наведува фактот дека добар дел од решенијата за оценување на кандидатите немаат образложение како и на кој начин е утврдена основата за пресметување на оцената, како се применети квалитативните критериуми, како е утврдена средна образложена оцена од Комисијата при РСС, како е извршена пресметка на бодови според квантитативните критериуми, со што на сомнителен начин, арбитрерно, со голема врски и субјективизам е креирана конечната ранг-листа, со што е сторена повреда на одредбата од член 89 од Законот за Судскиот совет.
Во продолжение наведува дека сериозна неправилност е и фактот што се врши избор по оглас распишан пред скоро 3 години, како и дека и ранг листата е правена за резултатите и достигнувањата што судиите ги имале до пред три години, но, не се земени во предвид подобрите (или влошените) резултати, дополнителната едукација, менторство и/или преземањето дополнителна работа во вршење на судиската функција, во прилично долгиот период од распишувањето на огласот до вчерашниот избор, што на секој од кандидатите можело значително да му влијае на промена на вкупните бодови во рангирањето.
- Дополнително, со вчерашниот избор се дискриминирани и оние судии кои кога бил распишан огласот во 2023 година не ги исполнувале условите, но сега во моментот на избор веќе ги исполнуваат, а сепак вчера им било ускратено правото да учествуваат како кандидати и со тоа неосновано биле дискриминирани, наведува Милошоски.
Како шесто, посочува тој, легитимноста на процесот на одлучување е компромитирана, бидејќи е спорен легитимитетот на петмина членови на Судскиот совет на кои им е изгласана недоверба од Собранието на Македонија, законодавен дом кој ги избрал и пред кого даваат отчет. Затоа, наведува Милошоски, сите одлуки за кои овие членови гласале можат да бидат оспорени во соодветна постапка пред надлежен суд, со што би бил оспорен и вчерашниот избор на судии во повисок суд.
- Сума сумарум, во постапката за избор на судии во скопска Апелација се направени суштински повреди на процедурата на Судскиот совет, има погрешна примена на материјалното право и нецелосно утврдена фактичка состојба. Ова се сериозни незаконитости заради кои при евентуална тужба на било кој од кандидатите пред надлежен суд ќе се поништат одлуките за избор во скопска Апелација, слично како што пред скоро време беше поништена и незаконитата постапка на Судскиот совет за предлог на еден член на Уставниот суд. Истовремено, доколку Јавното обвинителство или било кој од кандидатите ја обезбеди целата документација каде РСС ги игнорирал конечното решение на Врховниот суд и правосилната пресуда на Управниот суд, со кои по тужба на еден од кандидатите се укажува на сторени суштински повреди од страна на Судскиот совет во оваа постапка за рангирање, тогаш ќе имаат сериозна основа за покренување на обвинение против претседателот на Советот, Александар Камбовски, за неизвршување на судска одлука, казниво според чл.377 од Кривичниот законик. Трагично или не, но реформи на судството со оваа постава во Судскиот совет не би можел да изведе ниту илузионистот Дејвид Коперфилд, завршува Милошоски.
Ново на Сител
-
Кражба во црквата “Св. Спас” во Сопиште, приведени двајца скопјани
-
САД повеќе не препорачуваат вакцини против Ковид-19 за бремени жени и здрави деца
-
Меџити: Таравари и Ахмети предвиделе се, но не и дека ќе го исфрлиме од ВЛЕН и од Владата
-
Критичарите на Ердоган се сомневаат во неговите намери за нов устав на Турција
-
САД ги предупредија своите граѓани да не патуваат во Венецуела
-
Најмалку петмина загинати во големата експлозија во хемиска фабрика во источна Кина
-
Oбвинителен акт против десет лица за продажба на кокаин и марихуана
-
Митева: За првпат во историјата научните бази Web of Science и Scopus стануваат бесплатни