Македонија
24. August 2024 - 16:32

Мицкоски задоволен од работата на МВР, опозицијата бара разрешување на министерот Тошковски

Во рекордно време се решаваат убиствата, а криминалците се ставаат позади решетки- премиерот Мицкоски задоволен со резултатите на МВР откако со него раководи Панче Тошковски. Барањата од опозицијата за разврешување на министерот за внатрешни работи, според Мицкоски се поради страв на СДСМ дека ќе треба да одговараат за криминалите што ги правеле дури биле на власт.

Од СДСМ и денеска со барање за разрешување на Тошковски. Го повикаа Обвинителството итно да започне истрага за бегството на поранешниот војник на УЧК, Блерим Рамадани бидејќи според нивните тврдења министерот Тошковски и премиерот Мицкоски преку политички договор му овозможиле да ја помине границата со Косово без никакви проверки, иако беше во куќен притвор.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека СДСМ пробува да ја дефокусира јавноста со случајот со Рамадани, за да не се открие дека еден од приведените за убиството кај Мавровка, избегал од затвор три недели пред парламентарни избори.

Додека опозицијата ја обвинува власта дека овозможила Рамадани да избега од Македонија, за власта единствен виновник е судијата Пајазит Пајазити кого како што велат е заштитен од СДСМ, бидејќи тој донел одлука Рамадани од ефективен притвор да биде пренесен во куќен притвор, по што избега од земјава.