Македонија
26. December 2015 - 9:29

Меѓународна изложба на фотографии во Гостивар

Со меѓународна изложба на фотографии на автори од повеќе земји, во уметничката галерија „Култ“ во Гостивар, синоќа беа одбележани пет години од нејзиното постоење.

Изложбата „На мој начин“ обедини 27 фотографи од  Германија, Турција, Италија, БиХ, Црна Гора, Бугарија, Словенија, Албанија, Македонија и Косово.

Според Осман Демири уметничкиот директор на галеријата „Култ“ ова е можност повеќе за популаризација на фотографијата како уметност.

- Денес е полесно од кога и да е, е да се направи еден „клик” и да се реализира една фотографија, но таа е без идентитет се додека не го знаеме нејзиниот автор, не од потписот туку од начинот на кој е снимена и презентирана. Со оваа изложба, со помош на фотографската уметност, сакаме да направиме динамичен и неформален амбиент, создавајќи сојуз и дружење со фотографи од разни земји и така да размениме пораки и информации, рече  Демири на отворањето на изложбата.

Галеријата „Култ“ е прва приватна галерија во Гостивар во која изминативе пет години се одржале над дваесет изложби на познати автори од земјава и странство.