Македонија
8. јуни 2023 - 16:41

Меџити го испил утринското кафе со Јовев, но не ја менува одлуката за негово разрешување

Го разреши од функцијата, потоа го покани да му биде советник а денеска и првото утринско кафе го испил со  Сашко Јовев. Фатмир Меџити и покрај големото другарство како што вели со разрешениот директор на кардиохирургија, нема да го врати на менаџерското место.

-кога министерот носи одлука, таа не се преиспитува. Ќе споделам со вас, утринското кафе го испивме со почитуваниот професор Јовев и професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар во таа Клиника заедно со другиот стручен тим што е таму, со сите други колеги кардиохирурзи, ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ќе ги работи секојдневните активности, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Злоупотреби со дежурства и евиденција биле причина за разрешувањето кое деновиве предизвика лавина од реакции и поддршка за кардиохирургот Јовев кој е предводник на првата трансплантација на срце во земјата. Клиниката засега е без директор а неофицијално никој од установата и надвор од неа не бил заинтересиран да седне во директорската фотелја.

-Немаме тајминг за назначување нов директор, да го расчистиме прво случајот и потоа кога ќе има кадар прифатлив и за Министерството и за мене, јас сум тука, вели Меџити.

И додека сите чекаат како ќе заврши случајот Јовев, министерот денеска презентираше што направил изминаттие 100 дена додека е на функцијата. Во видеото најголем број од проектите беа почнати а дел и финализирани пред Меџити да дојде во кабинетот.

-Им благодарам на сите што биле ангажирани.

Решавање на сообрќајнито хаос на клинички беше првата изјава и прво ветување на Фатмир Меџити. Сега вели наскоро ќе има катни гаражи кои ќе го решат проблемот.