Македонија
12. December 2021 - 8:56

Маричиќ: Спорот со Бугарија решлив со почитување на европските вредности

Во пресрет на формирањето нова Влада во Бугарија македонските власти се оптимисти дека доколу се почитуваат европските вредности отворените прашања може да се решат брзо и Македонија би можела да ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ. Во спротивно, стравуваат, останувањето во сила на ветото на Бугарија може да доведе до одреден вид замрзнат конфликт, што, како што нагласуваат не е добро за стабилноста на целиот регион. Новиот мандатар на бугарската Влада, иако се уште не прецизира дали ветото може да биде тргнато или останува, во однос на прашањето само кусо изјави дека политиката на Бугарија останува иста и дека е потребно да се работи на повеќе полиња за изградба на добрососедство.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за словенечкиот весник „Дело“ посочува на важноста проширувањето на Европската Унија да се одвива по претходно утврдени принципи, реални заслуги и испорачани резултати, но, ја нагласува и потребата Унијата да даде временска рамка и план за проширувањето на земјите од Западен Балкан.
-Ние навистина направивме сѐ и покажавме искрена желба за решавање на отворените прашања, водејќи се од европските вредности. Затоа верувам дека проблемот со Бугарија може да се реши низ директен дијалог. Но, она што за нас е важно е тој дијалог да се темели на европски вредности и принципи, а не на основа “кој е посилен” или пак кој е член на Унијата, а кој не е”, истакна Маричиќ.
 
Тој додаде дека за него прашањето со Бугарија не е само билатерален спор, туку и ситуација за која во иднина Европската Унија треба да дефинира што може држава членка на Унијата да бара од држава кандидат.
 
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека Првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи и на 31 декември, доколку Бугарија дотогаш го тргне ветото, меѓутоа, во спротивно стравува дека спорот може да премине во замрзнат конфликт, а Република Македонија да стане изолирана во европските перспективи. Тоа нагласи тој, не е добро ниту за двете земји, ниту за регионот воопшто.

– Сите се свесни колку е важен 14 декември, но не само 14-ти, бидејќи и до 31 декември може словенечкото претседателство, доколку добие сигнал од Бугарија дека го подигнува ветото дури и на 30 декември словенечкиот министер за надворешни работи може да свика онлајн состанок на министрите и да се одобри и истиот ден да се одржи меѓувладината конференција. Важно е да ги држиме роковите кратки. Мојот страв е дека доколку овој спор премине во замрзнат конфликт, Република Македонија ќе стане изолирана во европските перспективи, вели Османи.

Смета дека формирањето на новата Влада во Бугарија дава надеж суштински да се разговара меѓу, како што кажа, две стабилни влади. Османи вели дека постои француска проактивност во изнаоѓање решение на овој спор.

– Се гледа една зголемена проактивност. Во услови кога Германија цел период беше на прва линија за да се деблокира процесот, сега ја имаме и Франција повеќе од било кога, рече Османи.

Министерот Османи вели дека мора да се внимава на ризикот – изолирање на земјата и влегување во замрзнат конфликт, но и зачувување на суштинските интереси на граѓаните. – Двете прашања се важни и во двете има ризик. Мора да држиме баланс меѓу интересите по однос на идентитетските прашања и потребата државата да не се изолира, рече Османи.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера му го врачи мандатот за формирање нова влада на мандатарот предложен од најголемата пратеничка група во 47. Народно собрание – „Промените продолжуваат“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, во зградата на бугарското Народно собрание вчера беа претставени составот и структурата на новата бугарска Влада предложена од „Промените продолжуваат“. Се очекува новата Влада да биде избрана во бугарскиот Парламент во понеделник.

Во однос на Република Македонија, Кирил Петков, кој е новиот мандатар, рече дека има многу да се добие од добрососедството. Бугарската позиција, нагласи тој, останува таква каква што е, но она што сакаме да го направиме е да се надградиме.

-Не сакаме да продолжиме со пароли од двете страни на границата. Сакаме да седнеме заедно, да работиме во тимови на различни полиња и да бидеме сигурни дека преку заедничка работа и комуникација се движиме кон добрососедство, рече тој, додавајќи дека секако во таа соработка ќе продолжат да ги бранат бугарските интереси.