Македонија
6. December 2019 - 16:43

Македонско-бугарската комисија ќе паузира до претседателските избори

Едно од решенијата за надминување на разликите во мешовитата македонско бугарска комисија за историја може да биде и да не се бараат решенија за одредени прашања, смета професор доктор Ванчо Ѓоргиев кој е дел од македонскиот експертски тим.  Според него решенијата треба да се бараат во добрососедските односи и почитување на другиот.

,, Едно од решенијата може да биде и да не се бара решение за секое прашање. Политичарите имаат право кога сакаат и каде сакаат да положуваат цвекиња и заеднички да чествуваат и тоа не зависи од нас, од експертите. Ние имаме свои ставови, ние можеме да олесниме на процесот, но не и да даваме насоки.,, вели проф д-р ВАНЧО ЃОРГИЕВ

 Професорот Ѓоргиев вели дека договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија треба да зависи од реалноста  како што е економската соработка, а не од работата на комисијата за историја. Тешко на тие народи и добри односи кои ќе зависат  единствено од  работата на комисијата вели тој.

,, Ако договорот за пријателство и добрососедство се доведува во ситуација да зависи од работата на комисијата за историја, тогаш тешко на овие народи и тешко на тие добри односи ако сета работа се сведе на тоа, затоа што во овој договор има многу други точки. Ние сме реално овде, ние сме македонски народ, со македонски јазик, со македонска историја и нашите односи треба да зависат од она што е реалност, развивање на економската соработка, развивање на соработка во областа на културата, на образованието, на спортот.,, вели ЃОРГИЕВ

Разидувањата околу Гоце Делчев биле резултат на различниот пристап и различните методологии на двете страни од комисијата и различното  толкувањето на терминот заедничка историја.

,, Тоа е ставот на кој што стојам дека заедничка со нив е периодот во средновековието кога Македонија била дел од бугарската држава,  потоа периодот од 1915 до 1918  година кога за првата светска војна територијата на Македонија е окупирана од Бугарија и периодот од 1941 до 1944 година, значи тоа може да биде заедничка историја, другото е споделена историја.,,додава ЃОРГИЕВ

Од македонска страна било предложено во периодот до изборите во април работата на комисијата да се пасифизира, а официјалните средби да не се одржуваат. На тој начин ќе се избегнело ставањето на нивното работење во функција на дневна политика.