Македонските и бугарските историчари го одржуваат 13. состанок
Учебниците за седмо одделение, како и прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев се темите за кои разговараат историчарите денеска на 13. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кој се одржува онлајн.
Комисијата претходно се состана кон крајот на февруари, а тогаш Министерство за надворешни работи соопшти дека на 12-та средба не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, ниту согласност за прашањата поврзани со Средниот век.
МНР по средбата излезе со соопштение во кое наведе дека на предвидениот дневен ред биле прашања поврзани со содржината на Записникот од 10. средба, изготвувањето препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев. Меѓутоа Комисијата тогаш не го отворила прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување.
За бугарскиот копретседател на Комисијата Ангел Димитров 12. состанок заврши без напредок. – Ние се уште сме во десеттиот век и нема чекор напред, изјави тогаш Димитров на брифинг во бугарското Министерство за надворешни работи. Тој тогаш изјави дека се уште не е решен спорот околу цар Самоил и случувањата од периодот на крајот на Првото бугарско царство, бидејќи од македонска страна постоела целосна воздржаност да се спомене дека заедничката историја започнала во Средниот век и поради „двоен стандард во проценката за Самоил, во зависност од тоа дали станува збор за заеднички прослави или за текстовите во македонските учебници“.
Извори од тимот на македонските членови на Комисијата, за Радио Слободна Европа тогаш, пак, брифираа дека понудиле неколку предлози за Цар Самоил кои претставувале чекор напред од нивните досегашни позиции, но дека бугарските колеги ги одбиле и останале на своитe стари ставови „кои се во основата на спорот помеѓу двете историографии“.
– Очигледно е инсистирањето на колегите од Софија да се наметне еднозначно решение кое е туѓо за начинот со кој се надминуваат спорови што произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото. Решавањето на спорот води исклучиво преку самокритичен пристап кон сопствените етнонационални историски наративи, а не преку наметнување на еден наратив врз друг, велат истите извори од македонскиот тим историчари.
Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци.
Ново на Сител
-

Туризмот се стабилизира по кризата, но вниманието кај патниците останува
-

Заматена водата за пиење во Кавадарци и Неготино поради дождовите, потребно е да се преврива
-

Македонскиот народен театар одбележува 81 година
-

Зеленски: Ситуацијата на бојното поле е најдобра во последните 10 месеци
-

Секој електронски потпис издаден во Македонија ќе биде признаен како целосно валиден во Црна Гора и обратно, најави Андоновски
-

Во штипскиот Основен суд продолжи судењето против обвинетиот Денис Асанов за извршено убиство
-

Иран собори борбен авион Ф-35 со нов одбранбен систем
-

Уапсена жена од с. Скудриње, барана со потерница за затворска казна од пет години и шест месеци
