Македонија
24. јуни 2024 - 16:37

Македонија со Влада, Мицкоски ја презеде премиерската функција

Мицкоски утрово и официјално ја презеде премиерската функција. Тој во зградата на Владата беше пречекан од техничкиот премиер Џафери. Веднаш по краткото примопредавање на кабиентот и функцијата новоизбраниот премиер замина во Штип. Присуствуваше на почеток на градба на сала која се гради со буџетски пари обезбедени со амандман од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кога беше опозиција.

Премиерот ја посети и штипската болница со новизбраниот министер за здравство Таравари. 

Во духот на првиот работен ден, Мицкоски продолжува и утре, со најава за новата инвестиција за ветерници од околу 400 милиони евра. Првата владина седница, пак, ќе се одржи за неколку дена, со одлуки за покачување на пензиите.

Првите честитки за Мицкоски и изборот на новата Влада стигнаа од Брисел. Комесарот за проширување и соседска политика Вархеј на мрежата X напиша „Со нетрпение очекувам да работиме брзо со Вас за да го унапредиме европскиот пат на Северна Македонија“. 

Честиташе и американската амбасадорка во земјава.

Додека премиерот и неговиот кабинет ја преземаат функцијата, со нетрпение очекуваме да го продолжиме нашето партнерство во зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот развој, социјалните структури и придвижувањето на земјата напред на нејзиниот евроатлантски пат, напиша Агелер.

Припредавање направија и министрите. Прв министерската функција утрово ја презеде Владо Мисајловски во ресорот одбрана.

И новиот министер за правда Игор Филков го презеде својот кабиент од претходникот Лога, при тоа новиот министер за правда ветил реформи. Први според објавата на кабиентот на Филков се законските измени за Судскиот совет и за јавното обвинителство.

Функцијата ја презеде и министерката за образование Јаневска. Таа најавува коренити промени во ресорот.

„Немаме намера да импровизираме во образованието... од сите чинители на воспитно – образовниот систем очекувам поддршка за процесите кои предвидуваат крупни промени. Секако, во меѓувреме секоја сугестија ќе биде добредојдена“, рекла Јаневска при преземањето на функцијата.

Примопредавање направија и министрите за МВР, за социјала, млади и демографија, за здравство, за финасии, за животна средина ...Дел од министрите пак, веднаш почнаа и со активности.