Македонија
23. May 2025 - 16:43

Мајмунски сипаници потврдени кај двајца 40-годишници од Скопје, не се познавале и не патувале надвор

Кај двајца мажи од Скопје на 40 и 44 годишна возраст лабораториски во ИЈЗ потврдени се мајмунски сипаници. Не станува збор за поврзани случаи. Според првичните информации од епидемиолошката анкета тие кажалер дека не се познавале и не патувале надвор од државата.

Поради кожно заболување вчера и двајцата, но во различно време се јавиле на преглед на кожната Клиника. Земените примероци од делот на гениталиите во трите посебни анализи на Институтот покажале присуство вирусот на мајмунски сипаници, а негативни биле тестовите за ХИВ, сифилис и херпеси кои ги побарал дерматовенерологот.

Примероците денеска ќе бидат испратени и во Холандија за дополнителни испитувања за подтипот на вирусот.

-За да се утврди подтипот на вирусот со помош на секвенционирање, изјави д-р Марија Андоновска, директор на ИЈЗ.

40-годишниот пациент уште синоќа по перепорака на ИЈЗ се јавил на преглед на Инфективна клиника каде е хоспитализиран, но според директорот тој бил во добра состојба немал клиничка слика за мајмунски сипаници, но поради позитивниот лабораториски тест задржан е за понатамошно следење. Вториот пациент не се појавил на клиниката.

-Пациентот прифати да биде хоспитализиран. Тој е во добра општа здравствена состојба. Дури не прашува зошто е задржан, меѓутоа поради потребата за опсервација и наше набљудување и да се направат дополнителни иследувања, вториот пациент не се јавил кај нас, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.

Од ИЈЗ информираа дека епидемиолошките анкети се во тек. Стапиле во контакт со дел од членовите на фамилиите, но тие немале никакви симптоми.

-Стапено е во контакт со фамилиите, но засега тие нема потреба да се тестираат бидејќи немаат симптоми, изјави д-р Драган Кочински, епидемиолог во ИЈЗ.

Иако станува збор за вирусно заболување потребен е подолготраен близок контакт за да се пренесе. Заменик министерот за здравство апелираше дека нема простор за паника. Иако прв пат се регистриура кај нас постоеле протоколи за третман.

Да ја уверам македонската јавност дека нема потреба од паника, бидејќи се - преземаат сите активности, рече Јовица Андовски, заменик министер за здравство.

Вирусот на мајмунски сипаници најмногу е распространет во Централна Африка, но регистриран е во повеќе од 40 држави во Европа. Покрај осипот на кожата други карактеристични симптоми се висока температура, болка во мускулите и омалаксаност. Периодот на инкубација е од 2-4 недели, а смртноста е од 3 до 6 отсто.

Лек за болеста не постои, се третира со симптоматска терапија.

По лабораториската потврда за два случаи и кај нас попладнево заседава и Комисијата за заразни болести.