Џет-Сет
6. February 2016 - 12:37

Мадона предизвика вербална војна на социјалните мрежи меѓу Кина и Тајван

Поп дивата Мадона предизвика вербална војна на социјалните мрежи во Кина и Тајван, од како вчера тајванските весници „Апле дејли“ и „Либерти тајмс“ ја објавија фотографијата на која завршната песна на концертот Мадона ја испеала покриена со знамето на Тајван.

Мадона одржа концерт во Тајпеј на 4 февруари, во рамките на својата азиска турнеја во која Кина не е на листата на земјите каде што ќе гостува со серијата концерти под наслов „Бунтовничко срце“.

„Мадона го поддржува Тајван со нејзиното појавување се нашето знаме“, е ударниот коментар на постот на „Апле дејли“, а од Кина стасаа десетици илјади коментари со порака дека и Мадона и Тајванците „се занесуваат“ бидејќи Тајван е само привремено одделена провинција од „татковината Кина“.

Слична вербална војна лани предизвика американската пејачка Кејт Пери, која на сцената се појави покриена со тајванско знаме, а со воодушевување го прими фустанот од златно ламе со апликација на голем сончоглед, што беше симбол на масовните студентски антикинески демонстрации во Тајван во 2014 година.

Тајван се отцепи од Кина и прогласи самостојност во 1949 година, но Пекинг ова го смета за привремено решение и го прогласи Тајван за своја територија, чекајќи повторно обединување. Со кинески дипломатски притисок многу држави се откажаа од признавањето на Тајван, а богатата држава сега има дипломатски односи со 22 држави.