Македонија
1. July 2026 - 16:46

Лукровски повторно на работа, ги демантира шпекулациите за оставка

Градоначалникот на Карпош се врати на работа по речиси два месеца боледување. Враќањето го објави на Фејсбук, фотографиран со неговиот заменик и претседателот на општинскиот совет.

Се соочив со здравствен предизвик кој ме натера да сфатам дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш сила повторно да станеш. Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период“, стои во статусот.

Лукровски ги демантираше шпекулациите дека земал лажно боледување или дека се повлекува од функцијата.

Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име, згрозен сум од начинот со кој што одредени поединци и партии пробаа да дојдат до ефтини политички поени на сметка на мојата состојба. Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал. Сега по божја волја се враќам со нова енергија“, напиша тој.

Реагираше СДСМ. Од партијата тврдат дека Лукровски сакал да поднесе оставка, но дека не му било дозволено поради, како што велат, партиски интереси. Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ не сакала да ризикува предвремени локални избори во Карпош, па затоа тој бил принуден да се врати на функцијата.

Ова е уште еден доказ за тоа како функционира системот на Мицкоски. Луѓето се ставаат на функции не за да работат, туку за да ги штитат партиските интереси. А кога некој ќе се обиде да си замине, бидејќи не може или не сака да ја врши функцијата, му се закануваат и го принудуваат да остане. Лукровски прифати да остане и да одговара за Мицкоски и ВМРО-ОКГ.  Да седи на функција која не ја сака, затоа што знае дека секој нов потпис може да значи само плус година во „Идризово“. Ова е партиска диктатура во која луѓето се третираат како потрошна роба“, стои во реакцијата.

Лукровски беше отсутен од 7 мај, а неговите обврски ги презеде заменик-градоначалникот, Неделчо Крстевски, кој последно заедно со премиерот Мицкоски присуствуваше на поставување камен темелник за градинка во Козле. Лукровски беше избран за градоначалник на локалните избори лани кога го победи тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски.