Македонија
7. October 2022 - 11:17

Лиз Трас: Време е да најдеме заедничка кауза со нашите европски пријатели

Безбедноста, енергијата и миграцијата се три приоритети со најголема важност за британските граѓани, така што тие се на и на самиот врв на мојата агенда. Затоа патувам за Прага на средбата со европските лидери.

Овие клучни прашања влијаат на целиот наш континент, па затоа сметам дека е потребно да најдеме заедничка кауза со нашите европски пријатели и сојузници. Исто така, сакаме да го слушнеме гласот и да им дадеме силна поддршка на земјите кои не се членки на ЕУ, како Украина, Норвешка и Швајцарија.

Состанокот во Прага не е творба на ЕУ или алтернатива на ЕУ. Јас сум многу јасна во однос на тоа. Тој обединува влади од цела Европа, од кои околу една третина се надвор од ЕУ. Обединетото Кралство по Брегзит, како независна земја надвор од ЕУ, треба да биде вклучена во дискусиите кои влијаат на целиот континент и на сите нас тука дома. Учествуваме како независна суверена земја и ќе дејствуваме како таква.

„Брегзит“ никогаш не се однесуваше на тоа Обединетото Кралство да се оддалечи од нашата горда и историска улога како водечка нација во регионот и пошироко. Секогаш верувавме дека ќе најдеме нови начини на соработка што ќе ги одразуваат нашите заеднички вредности и интереси.

Нашите постапки во Украина покажаа дека тоа е вистина. Ниту една европска земја не направи повеќе од Обединетото Кралство во поглед на вооружувањето на Украинците во нивната борба за слобода и во смисла на нашата улога како предводник во воведувањето на економски санкции кон Русија. Сепак, нашите постапки се уште посилни поради начинот на кој соработувавме со нашите европски пријатели.

Работевме со ЕУ преку Г7 и им помогнавме на Шведска и Финска со нивното пристапување во НАТО, што останува да биде основата на нашата колективна одбрана. Воено соработувавме со европските сојузници преку Заедничките експедициски сили. Заедно обучуваме украински војници. И ги зајакнуваме партнерствата со другите европски пријатели, вклучително со Норвешка за енергетска безбедност и со Швајцарија за наука и истражување.

Затоа, ја поздравувам можноста да работам со лидери од целиот континент на овој нов форум. Но, оваа иницијатива не треба да ги запостави Г7 и НАТО, ниту пак треба да биде само место за дискусии. Сакам да видам конкретни активности и реализација на три клучни приоритети.

Прво, мораме да се погрижиме Путин да биде поразен. Неговите обиди за мобилизација и анексија се покажување на слабост. Украинската контра офанзива успева, а волјата на Русија се распаѓа. Ова е моментот кога треба да ја удвостручиме нашата решителност. Обединетото Кралство испраќа воена поддршка од 2,3 милијарди фунти за Украина оваа година – а следната година планираме да го дадеме истиот придонес или да го надминеме.

Ќе ги повикам моите европски пријатели да продолжат да работат со нас во обезбедувањето повеќе оружје, воведувањето повеќе санкции и поддршката на Украина во истиснувањето на руските сили.

Второ, мора да ставиме крај на нашата зависност од руските јаглеводороди. На конференцијата на Конзервативната партија, го изложив нашиот план за раст и неопходноста помалку да се потпираме на авторитарните властодршци кога станува збор за нашата енергија. Точно е дека разговараме со нашите европски сојузници за тоа како да го направиме тоа колективно. Путин се надева дека ќе може да нè подели во борбата за снабдување со енергија. Мораме да му покажеме дека греши.

Обединетото Кралство испраќа и прима и гас и електрична енергија преку подморските кабли и цевководи кои не поврзуваат со соседите како Франција, Белгија и Холандија. Денес сите мораме да се посветиме на одржувањето на отворените врски оваа зима за светлата да продолжат светат низ целиот континент.

Обединетото Кралство, исто така, ќе игра водечка улога во заштитата на критичната енергетска инфраструктура. Оваа недела Кралската морнарица ги распореди Ентерпрајз и Сомерсет да работат со Норвешка и нашите сојузници во Северното и Норвешкото Море.

Заедно, ќе се спротивставиме на сите закани на подводните цевководи.

Исто така, мора да дејствуваме сега за да гарантираме дека никогаш повеќе нема да бидеме во оваа позиција. Мора да воведеме нова ера на европска енергетска независност, преку драматично забрзување на сопственото производство на енергија. Ќе разговарам за подлабоката билатерална нуклеарна соработка со претседателот Макрон, вклучувајќи го и напредокот во Сајзвел Ц. Подготвени сме да работиме со нашите европски пријатели за да развиеме интерконектори од следната генерација во Северното Море. И се надевам дека ќе постигнам напредок во поглед на новите партнерства за офшор ветер, што ќе помогне Обединетото Кралство да стане нето-извозник на енергија до 2040 година.

Трето, мора да ја искористиме можноста на овој форум да се фокусираме на миграцијата. Горди сме на начинот на кој ги отворивме нашите домови за 130.000 украински бегалци. Но, потребен ни е посилен одговор на криминалните банди кои експлоатираат очајни луѓе. Ќе ја продлабочиме нашата заедничка работа со Франција, Холандија и другите земји долж миграциската рута за да го засилиме нашиот колективен одговор на оваа транснационална трагедија.

Верувам дека со авторитарните држави кои ја поткопуваат стабилноста и безбедноста ширум светот, демократските земји треба да бидат похрабри и поиновативни во начинот на кој соработуваат за да обезбедат преовладување на нашите заеднички вредности.

Британска Амбасада Скопје