Македонија
22. April 2025 - 16:32

Културните работници на протест поради доцнењето на мартовската плата

Културните работници кои се уште немаат земено плата за март денеска излегоа на протест пред министерството за култура. Својот револт го искажаа со гласна музика, свирчиња и извици. 

Побараа почитување на колективните договори, достоинствени услови за работа и професионално управување со културните институции, ослободени од, како што рекоа, партиска контрола.

„Не протестираме за луксуз, туку за уставно загарантирани права. Ние протестираме и меѓу распаднати книги и архиви, меѓу сценографии едни врз други, меѓу пожолтени ракописи и меѓу технички распаднати сцени и гледалишта“ - изјави Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.

Министерот за култура Љутков им се извини и објасни дека причина за доцнењето на платите е усогласување на пресметките со министерството за финансии. Атанасовска рече дека денеска биле доставени нови насоки за пресметка, а одредбите од колективниот договор нема да важат. 

„Сега се дадени нови насоки каде што на некаков поинаков начин се пресметуваат тие 10% согласно општиот колективен договор. Во моментов, институциите не постапуваат по новите насоки бидејќи не им е јасно што во моментов треба да се направи“ - изјави Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.

Мартовската плата на над 3 илјади вработени во културата доцнеше и лани поради истиот проблем. И на тогашниот и на сегашниот протест, поддршка добија од ССМ.

„Минатата година кажав дека ние дојдовме некој да го фатиме да плати. Кој ќе го фатиме, тој ќе плати. Денеска го фативме министерот за култура да плати. Извини Зоки, морално беше“ – кажа Слободан Трендафилов, ССМ.

Трендафилов вели дека покрај вработените во културата, без плата останаа и голем дел од вработените во јавниот и во приватниот сектор.

Протестот заврши со интонирање на македонската химна.