Познатиот шпански тореадор Хуан Хосе Падиља (45), наречен Пират поради превезот на окото, се здоби со тешки повреди на последната борба со бикови во градот Аревал, град на северот на земјата.
Бикот налетал на Падиља, и иако Шпанецот се обидел да го избегне, животното продолжило да го напаѓа, што за малку ќе го скалпираше.
Дел од скалпот му отпаднал, а се здобил и неколку сериозни удари. Сепак, тореадорот успеал да стане и да се засолни додека другите повикале помош и го отерале бикот.
Падиља веднаш е испратен на операција и делот од скалпот успешно му е сошиен.
„Добро сум“, рече Падиља нагласувајќи дека не отстапува од борбата со бикови.
Тој е еден од најпознатите тореадори во Шпанија. Многумина ги фалат неговите вештини, а освои и низа награди. Меѓутоа, не е имун на повредите и несреќите, бил ранет вкупно 38 пати.
2001. година за малку ќе умреше кога бикот го прободе во грло во памплона. 10 дена подоцна, го изгуби окото во Сарагоса, а тогаш ја скрши и вилицата и черепот, и го изгуби слухот на десното уво. Минатата година, бикот со рог му го прободе едното белодробно крило.
И покрај се, тој едвај чека повторно да се врати во корида.