Македонија
14. јуни 2016 - 13:10

Кратово – сказни за многу романи

 
Учесниците и гостите на традиционалната меѓународна манифестација „Ден на културата„ што по дванаесетти пат се одржа во Градот на мостови и кули, како што уште се нарекува градот на три реки, Манцева, Баба Корина и Табачка река, од кои настанува Кратовска река, беа дел од неговото богато фолклорно, културно, историско и кулинарско наследство, како што се тиганици на саџак. Звукот на зурлите и тапаните за миг го сопре времето...
 
Овде, во една од најстарите градски населби на Балканот, што германските окупатори во Втората светска војна го нарекле „крајот на светот“ и денес, каде и да се завртиш „очи ти боде“ старината и патината на минатото. Минато за кое се прикажува дека сите патишта воделе до него. Како центар на занаетчиството и средиште на трговијата кон кој се слевале еснафи луѓе од сите страни. Бил рударски крај неисцрпен со богатства кој битисувал под закрилата на заштитникот Херакле, чиј лик и става самите рудари го исклесале во ѕид на една јама од рудник за железо на планината Плавица, за да можат, пред секое зачекорување во длабочините на земјината утроба, да му се поклонуваат со молитви да ги чува од било какви зла и несреќи.
 
Кога ќе се погледне кон Кратово, степенесто начичкано по стрмните брегови со типични куќи во старомакедонска архитектура, со тук-таму извишени кули и мостови со раскошни лакови, заличува, час на некој вулкански кратер, час на огромно корито. Или, можеби асоцијацијата е потсвесна од преданијата и легендите за името на градот. Но, сеедно. Зашто во нив се испреплетени и добар дел расположиви историски податоци според кои градската населба овде постоела уште во 301 година. Римјаните го викале Кратискара, Византијците - Коритос и Коритон, а Словените - Кратово.
 
Дека навистина неговата местоположба го има условено името, зборува и изразот „к'рот" во значење на горска падина". Всушност, и самиот турски патеписец Евлија Челебија, кога во втората половина на 17 век го посетил градот Кратово, забележал дека името на топонимот настанало од сложенката на Арапскиот збор „кират" во значење на „карат" за кратер и „ова" за поле.
Кратово-кули1
 
Кули
 
Велат, а жива вистина е, градбите се нераскинлива вековна нишка на неговите жители, со корените, со живеењето на градот и луѓето во него, од поколение до поколение. Кратовчани добро ги знаат сите складни линии на мостовите и кулите, сите облини и вдлабнатинки на жолтеникаво- зеленкастиот, правилно и непогрешливо сечен реден камен, носен од мајданите во планината на само ден одење од градот, но уште подобро ги паметат легендите. Во нив се мешаат и се испреплетуваат фантазијата и стварноста, сонот и јавето. И, ако нешто навистина фасцинира, тогаш народот го памети и го прераскажува она што му е блиско, што може да го сфати и разбере и што ќе успее да го преточи во легенда и мит. Потврда дека е така е фактот дека во Кратово, полно со промени, не се сочувани многу поединости околу изведувањето, времетраењето и мајсторијата на самите работи на некогаш петте, а сега четири моста, и на шесте, од деветте, зачувани кратовски кули, на кои најголем непријател им бил немилосрдниот заб на времето.
 
Кулите на прв поглед наликуваат на темни зандани. Внатрешноста, пак, на овие недостапни замоци крие раскошна удобност на повеќемесечно сигурно живеење, дури и под опсада. Долниот дел се магацини за храна и облека, а по скалите нагоре, широките сводести простории со камини и миндерлаци за седење, извонредно се осветлени. Целата мајсторија на камените кули се малите тесни прозорчиња, со проширување кон внатрешноста. Веројатно, низ времето имале функција и на пушкарници, но првенствено биле отвори за целосно апсорбирање на светлината која во снопови се распостила низ внатрешноста на зданието. Преданијата, тврдат, дека кога се работело за просперитетот на Кратово, сигурноста и среќата на сопствените семејствата, кратовските великодостојници не жалеле пари. Како ни тогаш за време турско кога за 70 илјади лири го откупувале Кратово за да можат самите по свои канони да го организираат животот во него.
 
За кулите е утврдено дека се градени во средниот век од тогашниот владетел со крајот, Костадин Дејановиќ. По битката на Марица 1371 година, свесен за опасноста од Турците, сметал дека со изградба на еден одбранбен бедем од кули ќе може да го заштити населението, да пружи достоен отпор и да го спаси самиот град. Според едни се верува дека биле подигнати 16 а според други 13 кули, една со друга поврзани во полукруг. Најголемиот број од нив уништени се од забот на времето. Но, дека навистина постоеле во толкав број, непотврдуваат само патеписците. Се верува дека дел од новоизградените кратовски куќи се подигнати токму врз нивните темели.
 
Меѓу кратовчани, за камените кули што високо се извишуваат над градот како вистински заштитници, се чува и "тајната" на нивното долголетно стратешко значење: сите кули на двата брега од градот со тајни влезови биле подземно поврзани. Нивните жители можеле слободно, а незабележано да се движат. И ако е нешто уште интересно за кулите, тоа е фактот дека секоја од нив има свое име, добиено по последниот стопан. Освен Саат-кулата, изградена во 1372 година, завикана така по часовникот кој со швјцарска точност го бележел времето, а која денес е изложбена поставка. која го прикажува Кратово низ вековите. Покрај оваа изложба, тука е и поставката за Карпошовото востание. Карпош бил водач на познатото Карпошово востание подигнато против османлиското владеење во 17 век, односно 1689 година. Тој успеал да ги ослободи североисточните краишта од денешна Македонија, т.е. Кратово, Крива Паланка и Куманово. Чекајќи помош за да ја продолжи борбата, која не ја добил, востанието на Карпош било задушено, а тој бил маченички погубен - наденат на кол на Камениот мост во Скопје, а потоа фрлен во реката Вардар. Инаку, меѓу зачуваните се уште Симиќева кула, Крстева кула, Емин-бегова кула, Златковиќева и Хаџи-Костова кула. Последната била најбогата, најубава била Симиќевата кула, а најстара е Златковиќевата кула. Од изградените и сочувани кули од 14 век две се реновирани, со музејски поставки. 
 
 	Чаршиски-мост1
 
Мостови
 
Овде по име се познати и високите со хармонични пропорции камени мостови со раскошно широк лепезест распон, фасцинантно вклопени во вкупниот амбиент на неразделност. Накогаш велат биле 14, а денес има пет. Чаршиски бил оној што водел кон дуќаните кои во времето на процутот на Кратово биле дури 350 и биле живот и имиџ на градот. Се прикажува дека чорбаџиите први го поздравувале денот со тропотот по неговата калдрма, а потоа и со кепенците од своите дуќани во кратовската чаршија. Ете зошто токму тој мост е на грбот на Кратово.
 
Кога би можел да прикажува каменот, тогаш веројатно и Грофчанскиот мост би имал сказни за многу романи. Него го споменува уште патеписецот Евлија Челебија како мост што води кон најубавиот Амам во Турската империја, од кој денес жално ѕиркаат само неговите контури.Грофчански мост, завикан така по богатото истоимено семејство доселено од Мала Азија 1892 година кое во Кратово гради велелепен сарај до кој се стигнувало токму преку тој мост. Тука е и Свински или Јоркширски мост наречен така во време турско, бидејќи само преку него каурите ги терале свињите, Арбулички мост и Радин мост, по истоимената, по едни девојка, по други жена која курбан била.
 
Нивните мајстори - каменоресци, вистина, ќе чуете, се се уште безимени, но затоа легендарни и токму такви какви што секој народ си ги посакува. Како што знаат овдешните дека секој мост своја приказна има, така добро се знае дека правилно сечениот и реден камен за нивните облини и вдлабнатинки зарастени во патина, е носен од мајданите во планината на само еден ден одење од градот.
 
И кога се во прашање кратовските мостови, нема шанса да заминете од градот без да го видите и да ја чуете сказната за прочуениот и опеан во песна Радин мост, кој отскокнува по својата импозантност, убавина и градителска умешност да се скротат водите и да се сплотат бреговите. Иако постојат повеќе легенди, кратовчани редовно ја раскажуваат најтажната верзија за младата мајка Рада, најмалата невеста од деветмината тукашни браќа-каменоресци, под чии вешти прсти од длабочината на реката никнувале кулите како темели на мостот. Легендата вели, тие дење работеле, ноќе мрачна сила уривала се што преку ден ќе било соѕидано. Алатот на мајсторите необјасниво исчезнувал, а земјаните работи се осипувале. Гласините дека мостот не ќе може да биде изграден, ако не се даде курбан, се повеќе се ширеле меѓу христијаните и добивале облик на цврсто верување. Виделе, невиделе, кутрите браќа се договориле, чија невеста утредента прва дојде ручек да им донесе, неа ќе ја соѕидаат во темелите. Со своето чедо на градите Рада прва итала кон бедемите и била соѕидана во една од кулите, со молба, што ја услишале браќата-мајстори, да остават отвор во ѕидот како би можела да го дои чедото свое. Тој отвор, тврдат кратовчани, ако повнимателно се загледа, и денес е нем сведок на едно подалечно време и на не така неверно и неможно случување.
 
  	Кратово1
 
Тарапани
 
Кратовчани велат, откако постои рударството, постои и Кратово. И не грешат. Запишано стои дека 32-та кратовско-злетовски рудници уште од Римјаните биле максимално користени. Покрај железната руда и добивањето на сребро, по текот на Кратовска и Злетовска Река се наоѓал и златен песок. Но, ова не било се. Освен со топилници, Кратово изобилувало со монетарници, односно ковачници за пари или како уште во народот се наречени тарапани. За што, впрочем, потврдуваат и пронајдените монети кои датираат од Адањон, Пеонскиот крал, како и од време Римско кога владеел Домицијан. Едноставно, било сосем нормално, кој како владател доаѓал на власт, токму тука во Кратово да си кова монети со сопствениот лик, притоа незаборавајќи тоа и да го обележи со жиг на нив: "ковани во градот Кратово", или само со буквата "К".
 
Векови подоцна, кога во 1282 година Кратово потпаѓа под власта на српските феудалци, во градот пристигнуваат искусните рудари Саси кои ги активираат напуштените рудници и бргу го обновуваат рударството, за својот најголем процут да го доживее во 13 и 14 век. Апетитите кон Кратово, како кон богат рударски крај, биле големи и кога биле во прашање и турските завојувачи. Според некои преданија, турскиот султан Мурат I на пат за Косово Поле во таа 1389 година, со намера свратил до Кратово само за да се увери во приказните за изобилството на злато и сребро од тамошните рудници. Една година подоцна во Кратово дошол и неговиот син, новиот султан, Бајази I. Околу средината на 16 век или поточно во 1550 година и венецијанскиот патописец Катарин Зено го посетил Кратово и забележал:„...кратовските рудници годишно му даваат по 70 илјади дукати, или околу 70 товари ковани пари“. Оттука, не било чудно што бргу потоа турскиот поет Заифи, во својата поема за Кратово, меѓу другото, рекол:"Место во Мека, Турците подобро би било да одат на поклонение во Кратова, како што го викале градот, бидејќи живеат од неговото злато...". Од годините на овој век останале исто така зачувани материјални сведоштва за тоа дека во Кратово се ковале и сребрени пари со ликовите на Сулејман II Величенствениот (1520-1566) и Селим II (1566- 1574). Со значење дека парите се ковани во Кратово, на монетите стоела ознаката "К".
 
Традиции
 
Самата поставеност, густина и планско градење особено на мостовите, повторно потенцираат неговите граѓани, за сигурно укажува на тоа дека Кратово од дамнина бил економски моќен град кој својот економско - културен врв го достигнува во 16 век. Токму тогаш се ројат куќите и се прошируваат населбите кон планинските сртови на двата краја од мостовите. Кратовските трговци и занаетчии биле на добар глас, тргувале најмногу со кожа, но и со бакарни садови за домаќинство, префинета сопствена изработка на која и завидувале и најпрочуените тогашни филиграни, со свила...И тоа во Солун, Венеција, Будимпешта, Цариград, Букурешт..., од каде што, исто така, масовно доаѓапе трговци. Притоа и едните и другите носеле дел од Европското културно и архитектонско наследство кое во кратовската забит наидувало на плодно тло. Никнувале цели улици со поинакви градски куќи, со балкони и салони во кои имало релјефни камини и ѕидни длаборези. Ете оттука корените на кратовските традиции, ќе чуете.
 
  	Тунел-во-Кратово1.
 
Во историјата на градот особено е забележано присуството и влијанието на дубровничата колонија. На дубровчани тогаш со декрет од турската империја им е дозволено слободно да тргуваат со Кратово, што придонело и за нивно населување. Наскоро 45. дубровнички семејства во Кратово градат и своја католичка црква, а кога во 1689 година во крајот се крева Карпошовото востание против турските властодршци, на бунтовниците им се приклучуваат и дубровчаните. По задушувањето на востанието, од страв од одмазда, тие, заедно со добар дел кратовски семејства се враќаат дома. И денес во Дубровник постои Кратовско маало.
 
Кети Мицковска/МИА