Македонија
6. December 2023 - 16:27

Ковачевски од Брисел се заблагодари на државите кои помогнаа да се приведе Палевски

Соработката на Македонија со парнерите од ЕУ и земјите од регионот придонесоа за успешно расчистување на грозоморните убиства. Овој случај се најде во фокусот и на говорот на премиерот Ковачевски во Брисел на завршната сесија на скринингот на земјава. Случајот го посочи како позитивен пример за придобивките кои би ги имала Македонија од зачленување во Унијата.

 Вчеравечер нашиот МВР Спасовски, доби известување од колегите од Р. Турција дека креаторот и директниот извршител на злосторството е фатен и е лишен од слобода на нивна територија, согласно оперативните сознанија кои ги имаше нашата полиција за патеката на движење на осомничениот откако ден претходни, на 04.12.2023 беше распишана итна меѓународна потерница од страна на ИНТЕРПОЛ. Благодарност за успешната партнерска соработка на Р. Турција, до Р. Србија и Р. Бугарија на чии територии одеше патеката на движење на осомничениот и со кои секојдневно комунициравме. Ова беше уште еден успешен пример дека само со блиска, заедничка соработка може да очекуваме успешни резултати на секое поле, рече Ковачевски

Последната сесија која утрово ја отвори Ковачевски е посветена на поглавјата 30 – надворешни односи и поглавјето и 31 – заедничка, надворешна и безбедносна политика. Со затварањето на овие поглавја Македонија официјално го завршува скрининг процесот кој стартуваше на 15 септември минатата година. Во овој период од Владата информираат дека  биле одржани 850 презентации, а во процесот учествувале 206 различни институции и приближно 1000 учесници.

Заклучокот на Европската комисија е дека земјава е на солидно ниво на усогласеност. Завршениот скрининг сепак не е гаранција дека Македонија ќе го продолжи патот кон Унијата, со оглед на превземената обврска за измени на Уставот. Конечната одлука ќе ја носат европските лидери на самитот кој ќе се одржи кон средината на месецов.