Ковачев: Не се потребни посредници меѓу Скопје и Софија
Се нижат пораките на бугарските политичари дека посредници во дијалогот меѓу Скопје и Софија не се потребни. Отакако официјална Софија ја одби понудата на унгарскиот премиер Орбан да биде медијатор меѓу двете држави, и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во изјава за БНР му порача на Орбан дека не е потребно негово посредување. Преговарачката рамка била јасна и немало што да се менува..
Ваквите пораки не го обесхрабруваат албанскиот владин партнер во владата. Вицепремиерот Меџити вели дека евроинтеграцискиот процес останува еден од клучните приоритети во функционирањето на македонската влада.
А владејачката партија ВМРО ДПМНЕ два дена бара извинување од СДСМ откако партијата изјави дека власта се обидува да ги прави граѓаните будали, по одлуката на Брисел..
Поминаа 24 часа, а СДС уште не им се извини на граѓаните што ги нарече ,,будали''. СДС не смее да го навредува народот, тоа што се спречени да крадат и затоа се најмногу нервозни треба да го земат за лекција, да се реформираат и да се исчистат од криминалци, а не да мечтеат за да продолжат по истите патеки каде што застанаа.
Опозицијата пак им врати, ВМРО ДПМНЕ не прави разлика во зборовите. Раздвојувањето во интеграциите е само поради погрешните и штетни политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ не прави разлика помеѓу навредатa „будала“ и пораката „не ме прави будала“, која значи „затоа што сум доволно паметен да знам дека лажеш“. Се што кажа СДСМ е дека ВМРО-ДПМНЕ треба да престане народот да го прави или да го смета за будала бидејќи граѓаните се доволно паметни и ги препознаваат сите лаги кои ги пласира владејачката партија.
Македонската влада остава простор за обновување на политичкиот дијалог со Бугарија, но кога таму ќе има стабилни институции....
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар