Балкан
10. July 2017 - 8:46

Косовската ЦИК ги соопшти конечните резултати,почнува конституирањето на институциите

Централната изборна комисија на Косово, синоќа ги соопшти официјалните резултати од парламентарните избори, одржани на 11 јуни.

Според бројот на освоени гласови прва е коалицијата ПАН,со 39 пратенички мандати,второ е Движењето „Самоопределување“ 32 и трета коалицијата ЛАА (Демократскиот сојуз,Алијасата за Ново Косово  и Алтернатива) со 29 пратеници. По десет пратеници,кои се загарнтирани имаат Србите и партите на немнозинските етнички заедници.

Сега најпрво треба да се конституира Парламентот во рок од 30 дена од денот на соопштувањето на конечните резултати,што значи до 8 август, а потоа ќе почне процедурата за формирање Влада.

На овој начин на коалцијата ПАН( Демократската партија-Алијансата за иднината на Косово и Иницијативата за Косово) и се отвора патот за формирање на новата влада.Нејзе како победник на изборите претседателот Хашим Тачи треба да и го даде мандатот.

Според коалицискиот договор мантадар ќе биде Рамуш Харадинај,лидер на Алијасата за иднината на Косово,кој во рок од 15 дена од добивањето на мандатот треба да ја формира владата.

Движењето „Самоопределување“ најави дека доколку ПАН потфрли,тогаш „новата влада ќе ја формира Албин Курти,заедно со други партии“.

Владата се избира со мнозинство гласови,или 61 од вкупно 120 члениот парламент,што значи дека Харадинај треба да обезбеди  уште 21 пратенички глас.Доколку формира коалиција со српските и пратениците од немнознските заедници,што би значело плус 20 гласови,потребни му се уште два гласа.

Доколку Владата не биде изгласана,Тачи,според Уставот,во рок од десет дена, треба на друг политички субјект да му го додели мандатот.  Ако Влада не биде изгласана и по втор пат ,тогаш шефот на државата распишува нови избори,кои треба да се одржат најдоцна четириесет дена од денот на објавувањето.

Со првата,конституивна седница, на парламентот раководат највозрасниот и најмладиот пратеник.

Инаку, според ЦИК, од вкупниот број запишани гласачи на единствениот избирачки список(над 1,8 милиони) правото на глас го искористиле над 747илјади или 41,3 отсто,што е најнизок процент до сега.На изборите во 2013 година излезноста била 53 отсто.