Кошта и Милатовиќ потврдија дека целта е членство на Црна Гора во ЕУ до 2028 година

Црна Гора останува цврсто посветена на целта до 2028 година да стане членка на Европската Унија, а одржувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват претставува потврда за меѓународниот кредибилитет на земјата и за нејзиниот напредок на европскиот пат. Ова беше истакнато по средбата меѓу црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Милатовиќ оцени дека организацијата на самитот во Тиват е резултат на интензивните дипломатски активности реализирани во соработка со европските партнери.
– Црна Гора е пример за успешна европска иднина на Западен Балкан. Од Тиват испраќаме порака дека проширувањето на Европската Унија е стратешки важна и остварлива европска политика. Тоа е големо признание за нашата држава, но и голема обврска да ја завршиме оваа историски важна задача – рече Милатовиќ.
За време на разговорите соговорниците нагласија дека Црна Гора останува посветена на целта до 2028 година да стане 28-та членка на ЕУ, што подразбира продолжување на реформите, зајакнување на владеењето на правото, функционалноста на институциите, изборните реформи и борбата против корупцијата.
Тие разговараа и за Планот за раст на Западен Балкан, регионалното поврзување, заедничкиот пазар, енергетската безбедност и за отпорноста на регионот во услови на актуелните геополитички предизвици.
Милатовиќ оцени дека успехот на Црна Гора може да биде позитивен сигнал за целиот регион.
– Кога Црна Гора ќе стане членка на Европската Унија, тоа ќе биде доказ дека европскиот пат има смисла, дека реформите носат резултати и дека регионот има свое место во европското семејство – изјави тој.
Црногорскиот претседател му се заблагодари на Кошта за поддршката на европската перспектива на земјата и за соработката во организацијата на самитот, нагласувајќи дека од Тиват се испраќа порака за европско единство и за заедничка иднина на Западен Балкан.
Ново на Сител
-

Осум лица лишени од слобода поради дрога во Скопје, Тетово и Битола
-

43-годишник од с.Шишево пукал во соселанец и го ранил во пределот на главата
-

НАТО разгледува нова воено-финансиска помош за Украина од 70 милијарди евра
-

Мицкоски: Макрон и Мерц ни дадоа силен мотив да продолжиме со реформите и да испорачуваме врз основа на заслуги
-

Мицкоски: Градежништвото е еден од најголемите контрибутори во растот на БДП
-

Мбапе: Сонувам да играм против Роналдо и Нејмар на нивното последно Светско првенство
-

ИЈЗ го отвори првото државно психолошко советувалиште за деца и адолесценти, услугите ќе бидат достапни преку системот „Мој термин“
-

Лабудовиќ од КОСАП: Балканот мора да стане енергетски коридор на Европа, а не периферија на транзицијата
