Македонија
3. October 2023 - 16:42

Контрoлорите на летање ќе го блокираат небото ако не запрат партиските огласи и вработувања со врски

Превработеност, партиски кадри без соодвени квалификации, стара и дотраена опрема. Ова е причината за најавениот штрајк на воздухопловната навигација.

За 10-тина дена, на 12-ти октомври од 11 до 17 часот нема да полетуваат и слетуваат авиони на скопскиот и охридскиот аеродром.

Првиот човек на синдикатот на М-НАВ вели – ,,Неколку пати реагиравме, запознаен е и министерот за транспорт и врски, но проблемите не се решаваат. Бараат стопирање на вработувањата преку ноќ и селекција по квалификации, а не по врски на лицата кои ќе работат''.  

- За контрола на летање треба да се положат одредени тестови. Тие не можат да ги положат и се вработуваат во пониски места, па потоа , по одреден период ги префрлаат на други позиции, за кои немааат квалификации. Потоа или не доаѓаат на работа или не знаат да ја сработат, бидејќи немаат квалификации за тоа, изјави Александар Тасевски, престедател на Синдикат на М-НАВ.

Во моментов во М-НАВ вработени се 305 лица, од кои само 75 контролори на летање. Според анализата направена од странски експерти, оптималниот број не треба да надмине 260 лица, од кои половината треба да бидат контролори на летање. Згора на тоа, опремата им е толку застарена што и самите вработени се чудат како се уште работи.

- Кај нас опремата е од 1999-та. Вие знаете колку технологијата напреднала од тогаш, колку модели на телефони се смениле. Според некои правила се менува на секои 7 години. Само за споредба, соседна Србија од 1999 до сега ја променија 5 пати. Опремата е толку стара што и ние се чудиме и велиме, добро е што системот не откажал, додава Тасевски.

Од Синдикатот бараат Владата или да назначи нов директор или да се договорат со сегашниот дека работите ќе почнат да се менуваат. Само во тој случај ќе го одложат штрајкот.

Првиот човек на Навигација, Фахрудин Хамиди, не одговори на нашите телефонски јавувања за обвинувањата од Синдикатот.