„Конти Хидропласт“ донира 100.000 евра за реконструкција на интерното одделение во Гевгелија
Болницата во Гевгелија наскоро ќе добие интерно одделение уредено по најсовремени медицински и технички стандарди. Реконструкцијата е веќе започната, а проектот, вреден 100.000 евра, се реализира со средства обезбедени како донација од гевгелиската компанија Конти Хидропласт.
Со оваа инвестиција ќе се изврши целосно обновување на просториите на овој дел од болницата. Реконструкцијата опфаќа градежни зафати, санација на внатрешната инфраструктура, адаптација на болнички соби и подобрување на сите услови за пациентите и персоналот.
Директорот на болницата, Патрик Мат, вели дека се работи за голем и многу значаен зафат со кој нивната установа ќе добие едно од најмодерните интерни одделенија во државата.
Од Конти Хидропласт порачаа дека донацијата ја реализираат со особена одговорност кон заедницата, додавајќи дека тие како општествено одговорна компанија, со гордост ги донираат овие средства бидејќи веруваат дека оваа донација е за доброто на сите граѓани кои се и пациенти на Општата болница во Гевгелија.
Според најавите, целосната реконструкција и адаптација на интерното одделение на болницата во Гевгелија треба да заврши за околу три месеци.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар