Македонија
12. April 2018 - 8:46

Комеморација по повод Јом Ашоа и промоција на „Ноќта“ од Ели Визел

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија денеска ќе се одржи комеморацијата по повод Јом Ашоа и ќе биде промовирана книгата „Ноќта“ од нобеловецот Ели Визел.

Јом Ашоа е национален комеморативен ден на холокаустот и херојството на Државата Израел што се одбележува во сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и комеморативен ден на шест милиони Евреи убиени во холокаустот.

Книгата мемоари „Ноќта“ е објавена од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и „Арс Либрис“ (дел од „Арс Ламина – публикации“). Во неа Ели Визел (1928-2016) го опишал она што  самиот го преживеал во логорите на смртта. Делото најавтентично го опишува холокаустот низ очите на авторот, кој како 15-годишно момче го преживеал холокаустот во Аушвиц.  Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Тодор Чепреганов.

Комеморацијата со која ќе биде одбележан Јом Ашоа ја организираат Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.