Бизнис
17. December 2017 - 16:26

Кој ќе ги плати скапите мерачи за радијаторите кои Владата ги предвидува со закон?

Мерачите  на потрошена топлинска енергија на секој радијатор ќе треба да се поставуваат само во новите станови и згради, велат од Министерството за економија. Оттаму потврдуваат дека граѓаните сами ќе си ги купуваат овие инструменти. Но велат тоа ќе важи само за објектите кои ќе се градат по носењето на новиот Закон за енергетика.

Но сепак во предлог законот, во членот 155,   стои дека уредите ќе треба да се вградат на грејните тела  не само во новите туку и кај постоечките згради.

(6)   Постапката за вградување на уредите врз основа на кои се врши локално распределување на топлинската енергија кај новите и постоечките објекти се уредува со правилата за снабдување со топлинска енергија, додека начинот за распределба и пресметка на потрошената топлинска енергија се уредува со Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.

(4) Уредите врз основа на кои се врши локално распределување на топлинската енергија помеѓу различни крајни потрошувачи во еден објект за коишто има еден мерен уред се составен дел од системот за мерење на потрошена топлинска енергија во објектот и се во сопственост на крајните потрошувачи.

Иако надлежните досега не излегоа со информации за измените кои се планираат во доменот на топлинската енергија, Константин Димитров кој е еден од креаторите на Законот вчера откри дека планирано е мерачите да бидат на товар на граѓаните.

-Сите корисници треба да вградат мерачи на потрошувачката на топлинска енергија, а додека кај електричната енергија и гас тие мерни инструменти се обврска на снабдувачот – на операторот, е овде вели граѓаните тоа треба сами да си го платат. Тоа е едно значително оптоварување, да може секој дома да види колку има радијатори, грејни тела значи, од прилика по 50 евра за секој радијатор и таа дополнителна инвестиција би била од 200 до 300 евра по домаќинство, изјави Димитров.

Со поставување на мерачите граѓаните би плаќале парно колку што ќе потрошат а не по квадратура. Ќе можат и да ја подесуваат температурата на грејното тело.

Останува неизвесно дали предложениот закон ќе претрпи измени и трошокот ќе го сносат операторите,  или пак  ќе остане на товар на домаќинствата.