Македонија
25. March 2023 - 16:35

Кочани чека старски дом повеќе од 8 години

Повеќе од осум години проектот за изградба на дом за стари лица во Кочани стои на маса. Според проектната документација, домот би имал капацитет од 150 легла. Меѓутоа, на општината и здружението на пензионери од страна на Министерството за труд и социјална политика им било предложено да го изменат проектот, а домот да има 100 легла помалку, што тие го одбиле.

- Заради таквиот наш став, Министерството за труд и социјална политика ги повлече средствата кои беа предвидени за доделување на општина Кочани за старт на градбата на еден ваков објект- изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.

Кочанчани велат дека потреба има, но после толку поминати години и празни ветувања, веќе изгубиле секаква надеж.

-  Има потреба и тоа голема потреба.

- Има заинтересирани, кога нема млади кој да ги чува, што ќе прават?

- Младите си одат ние старите остануваме и нема никој да не гледа. Ама, во нашата држава е многу тешко.

- Очекуваме, постојано очекуваме, ама не бива ништо.- Анкета Кочанчани

Предвидените средства за изградба на објектот се во висина од 2 и пол милиони евра. Локалната самоуправа ја разгледува можноста, локацијата, односно, градежната парцела да се стави на продажба и да се бара заинтересиран приватен инвеститор на кој ќе му биде даден на располагање и подготвениот проект.