Ќе имаме многу тешко лето со пожари, вели Ангелов и уверува дека државата е поподготвена од лани
Старите војнички оклопни транспортери и хермелините кои летово ќе гасат пожари на тешко пристапни места ќе бидат под команда на Дирекцијата за заштита и спасување. Интензивно се работи на нивно прилагодување – им се монтираат резервоари за вода, се бојадисуваат со црвена боја. Со нив ќе управуваат специјалци од полицијата, открива првиот човек на ДЗС.
„На секој од нив е монтиран резервоар по шест тони вода, со пуми кои имаат домет повеќе од 100 метри. Тоа е навистина импозантно. Нашиот план е со овие возила да управуваат специјалци од полицијата и по потреба, во случај да е прогласена кризна состојба, доколку врховниот командант даде наредба на армијата, и припаднци на армијата. Се работи за врвно обучени луѓе кои се во одлична психофизичка подготвеност и верувам дека ќе можат да ја издржат топлината внатре. Ние немаме намера со транспортерите да влегуваме во оган, туку со нив ќе дејствуваме на стотина метри“ – Стојанче Ангелов, директор на дирекцијата за заштита и спасување
Платата на вработените во авио одделението на дирекцијата е двојно зголемена, соопшти Ангелов. Одлуката поминала на Влада и е објавена во службен весник. Ова, според Ангелов, е мотивација овие луѓе да останат да работат во ДЗС.
Дополнително, за справување со пожарите со Оперативниот план е предвидено вработување на 400 пожарникари, во општините каде што има најмногу потреба.
Од помош можат да бидат и жителите. Директорот на ДЗС апелира до сите кои живеат или имаат викендици низ селата да ги средат своите дворови.
„Апелирам до граѓаните, нека ја искосат тревата. Оние коишто имаат можност со трактор, мотокултиватор, нека ги изораат своите дворови. Ниту еден пожар не може да премине неколку метри бришан простор, на којшто нема трева и грмушки. На тој начин граѓаните ќе ни помогнат во борбата против пожарите, бидејќи со вакво темпо, прогнозите се дека ќе имаме многу тешко лето, многу пожари за гасење“ – Стојанче Ангелов, директор на дирекцијата за заштита и спасување
Од почетокот на годинава досега, регистрирани се речиси 1.300 пожари на отворен простор.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар