Македонија
13. јуни 2024 - 16:47

Ќе има ли пари за нова компресорска станица на Клинички?

Хируршките клиники на управни одбори ќе одлучуваат дали ќе платат за нова компресорска станица и инсталација, како што побара Заеднички служби во оперативниот план. Од своите буџети треба да издвојат 21 милиони денари кои најверојатно ќе ги бараат од Фондот. Доколку цела хирургија се согласи со овој предлог, реалниот рок да почнат да работат во нормални услови  е дури крајот на годината. 

Помош и решение не добија ниту од Владата, која денеска расправаше за ова на седница. 

- Владата го разгледа предложениот Оперативен план и со оглед дека Планот има фискални импликации, препорача, сите надлежни институции и органи, да постапат согласно своите надлежности, во насока на решавање на предметното прашање.

Клиниките имаат рок од 5 дена да се изјаснат до заеднички служби дали ќе ги здружат парите да направат групна набавка за да можат градежните работи да почнат на време. 

Колапсот на хируршките клиники настана пред еден месец кога беа затворени сите сали а на стотици пациенти им беа одложени операциите. Сите итни случаи одеа во ГОБ 8ми септември и клиниката Свети Наум Охридски а на надлежните им требаа неклку недели за да пресметаат колку пари треба за нова станица и инсталација.

Изнајдоа и преодно решение со надворешни компресори и хирурзите почнаа да оперираат.

Случајот е пријавен и во Обвинителстовото кое уште проверува дали има елементи на кривичнои дело, додека, пак, Народниот правобранител отвори предмет дали се повредени правата на пациентите.