Македонија
23. February 2026 - 16:37

Кириите за станови растат – каде е најевтино, а каде најскапо?

Кириите одат нагоре, а стан под кирија сѐ потешко се наоѓа.

Во второто полугодие лани, секој месец се вртеле повеќе пари од изнајмување отколку претходната година. Според Агенција за катастар на недвижностите, склучени се над 5 илјади договори за закуп – за 14 проценти повеќе од истиот период во 2024.

Најмногу се изнајмуваат станови – 2.156, што е речиси половина од сите закупи. 

- Најатркативни општини како за купопродажба, така и за кирија остануваат скопските општини Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош особено, потоа следат Гази Баба, Бутел и Чаир – вели дирекорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.

А каде има најголема побарувачка – таму е и најскапо. Просечната кирија во Центар оди над 22.700 денари месечно. Веднаш зад него е Карпош, а слични се сумите и во Аеродром. Најевтино е во Бутел – во просек околу 3.500 денари месечно.

- Очекувано е каде што квадратот за купопродажба е највисок, да биде и киријата највисока. Многу фактори влијаат, близината до самото централно градско подрачје, можностите кои ги нуди, без разлика дали се работи за недвижност што се изнајмува, дали е за живеење или за бизнис. Затоа е очекувано од општина до општина да има разлики во цените – кажа Живковски.

Разликите знаат да бидат драстични. Во извештајот стои дека највисоката регистрирана месечна кирија е во Центар – над 230 илјади денари. Најниската, пак, е забележана во Струмица – само 83 денари.

- Тука ќе треба да се позанимаваат и другите институции, како УЈП, за да проверат дали и колку се тие информации веродостојни, дали тоа е реалната сума којашто закупецот ја исплаќа на закуподавачот – рече директорот. 

Најдинамичен месец бил октомври со 1.106 договори, додека најмногу пари се слеале во ноември – речиси половина милион евра.