Спорт плус
1. September 2015 - 16:46

Кик-боксерите на прием во АМС

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска организираше прием за македонската кик бокс репрезентација која имаше успешен настап на Европското јуниорско-кадетско првенство во Сан Себастијан, Шпанија, од 22 до 29 август.
 
– На мое големо задоволство денеска во просториите на АМС се претставниците на македонската кик-боксинг репрезентација во младинските категории, која на неодамна завршеното ЕП за кадети и јуниори, кое се одржа во шпанскиот град Сан Себастијан постигнаа одлични резултати и ја претставија Македонија во вистинско светло. Постигнатите резултати се доказ дека македонскиот кик-бокс има светла иднина. Овие млади спортски надежи продолжија да чекорат по стапките на нивните постари колеги, кои во континуитет постигнуваат врвни резултати на меѓународните натпреварувања, рече Спасески.
 
Тој упати честитки до освојувачите на медалите, до претседателството на федерацијата, до нивните тренери и целокупниот стручен штаб за нивните заложби и влогот кој го даваат во промоција на македонскиот спорт.
 
– Ја користам оваа прилика на нашите репрезентативци (Марија Божиновска, Бобан Илиоски и Хадис Рамадани) да им го честитам успехот и да им посакам уште многу вакви блескави моменти во нивната спортска кариера, додаде директорот на АМС и соопшти дека неговата институција и понатаму ќе го поддржува овој трофеен спорт во нашата земја, како финансиски така и логистички.
 
Македонските кик боксери на ЕП во Сан Себастијан имаа 100 процентен учинок, односно сите тројца натпреварувачи освоија медали. Божиновска и Илиоски освоија сребрени медали, Рамадани бронзен. На шампионатот настапија преку 1.300 натпреварувачи од 34 земји.
 
Претседателката на Македонската кик-боксинг федерација, Александра Неделковска, информираше за донесената одлука на Европската федерација во Сан Себастијан, Македонија да биде домаќин на ЕП за кадети и јуниори во 2017 година.
 
– Благодарение на поддршката од АМС успеваме насекаде низ светот достојно да ја претставуваме нашата земја. Со тоа што ни ја доделија организацијата во 2017 година, Европската федерација потврди дека на претходните две првенства сме биле добри домаќини, а тоа беше констатирано и на состанокот на Бордот на директори на Светската и Европската федерација во Сан Себастијан, нагласи Неделковска.
 
Ова за Македонија ќе биде трето големо натпреварување како домаќин по ЕП за сениори во 2006 година и СП за сениори во 2011 година.