Македонија
5. January 2017 - 15:09

Кампања за заштита од пожари во општина Аеродром

Едукативен материјал со мерки за заштита и упатстава за постапка во случај на пожар во пресрет на палењето на бадниковите огнови, како и за правилно користење на грејните тела во зимскиот период, делеа денеска на платото пред ТЦ „Бисер“ членовите на Општинскиот противпожарен сојуз „Аеродром“.

Претседателот на Општинскиот противпожарен сојуз „Аеродром“ Петар Плотников повика при палење на бадниковиот оган, најпрво да се одреди безбедна локација и да се палат што е можно помали огнови во интерес на заштита на екологијата.

- При палењето на оган никако да не се користат лесно запаливи течности и да не се уфрлаат пиротехнички материјали и лесно запаливи средства. На крајот, граѓаните откако ќе си заминат организациониот одбор да се осигураат дека огнот е изгаснат, рече Плотников.

Во флаерите за заштита од пожари во станбени објекти за време на грејната сезона се советува редовна контрола и чистење на оџаците, електричните грејни тела да бидат прописно приклучени и околу нив никако да не се ставаат алишта, додека при користење на грејни тела на гас да се изврши проверка на инсталацијата и боцата со гас.

- Целата кампања се води за тоа граѓаните да внимаваат да не дојде до пожар. Основна работа се превентивните мерки и ако дојде до пожар што треба да се направи. За секое грејно тело треба да се преземат соодветни превентивни мерки, а ако дојде до пожар ги советуваме граѓаните, единствено да ги затворат сите отвори на димопроводникот и да повикаат пожарна. Во тој случај температурата достигнува и до 1.000 степени и ако се уфрли вода може да дојде до уривање на објектот и посериозни последици, рече Плотников.

Кампањата за правилно користење на грејните тела во зимскиот период се организира по шестти пат од Општинскиот противпожарен сојуз „Аеродром“.