Македонија
22. July 2022 - 15:55

Изгаснат шумски пожар во атарот на виничкото село Блатец

Со брза и ефикасна интервенција на пожарникарите од Територијалните противпожарни единици од Кочани и Виница доцна попладнево е изгаснат шумски пожар на падините на Плачковица, во атарот на виничкото село Блатец.

Огнот зафатил дел од дабовата шума и нискостеблести растенија на околу 15 хектари, а пожарникарите навреме спречиле да се прошири кон овоштарници и помошни објекти во близина.

-Околу пладне добивме повик за пожар во месноста Скараница, непосредно до регионалниот патен правец од Виница кон Берово, по што со две наши интеревентни воизла и една цистерна се упативме на посочената локација. Како поддршка во гаснењето ни се придружија и колегите од Територијалната противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво од Кочани со уште две возила. Заедно со месното население и вработени во околните стопанските објекти, формиравме три интервентни екипи, по што огнот беше локализиран, а потоа целосно изгаснат, истакна Станко Спасов, командир на ТППЕ – Виница.

Како превентива од повторно разгорување на пожарот, во текот на попладнево и во вечерните часови ќе има дежурна екипа од пожарникари со едно интервентно возило.

За пожарот се известени и надлежните служби во Полициската станица во Виница.