Македонија
21. October 2024 - 16:43

Италија сè уште ги признава само возачките дозволи со „Република Македонија“

Италија се уште не ги признава возачките дозволи со „Република Северна Македонија“. Два месеци пред старите со „Република Македонија“ да престанат да важат и кај нас, Рим од македонските возачи бара дозволи со старото уставно име.

Нашинците во Италија се пред проблем. Или да се снајдат по 1 јануари да обезбедат важечка возачка дозвола со „Република Македонија“, што е практично невозможно, или таму да преполагаат од ново, што би ги чинело помеѓу 1.800 или 2.000 евра.

Сител за овој проблем објави уште во март, но се уште не е решен. Шефот на дипломатијата вели дека е веќе бараат решение со министерот за внатрешни и оти веќе искомуницирале со Рим.

-Имаме комуникација. Имавме комуникација минатата недела и со министерот за внатрешни работи, Тошковски околу некои работи што треба за да се надмине овој предизвик, да ги преземеме ние тука. Мое очекување е дека прашањето за многу брзо време ќе го надминеме. Тоа што можам да го потврдам е дека сме свесни за овој предизвик, којшто настанат од претходно, но независно ние мораме да го решиме за граѓаните да немаат проблеми и понатаму. Се координираме со министерот Тошковски и имам очекување дека во билатрална соработка со Италија ќе го надминеме овој предизвик.

Нашинците од Италија од нашата амбасада добиваат одговори дека се чека потпис од италијанската влада. Италијанските власти, пак, им велат дека се уште не добиле допис од Македонија дека се користат нови возачки дозволи.

Државата беше комплетно неспремна за преземените обврски од Преспанскиот договор. Кон крајот на минатата и почетокот на годинава огромни беа гужвите на пунктовите за фотографирање за лични документи, а Собранието мораше да го продолжи рокот на возачките со „Република Македонија“ до 31 декември за внатрешна употреба за граѓаните да добијат на време и да можат да ги променат со „Република Северна Македонија“.