Македонија
12. April 2024 - 16:34

Испитувања на челичната конструкција, па дури потоа реконструкција на Универзална

Реконструкцијата на Универзалната сала ќе почне дури откако ќе завршат сите испитувања на челичната конструкција. Прво, истражните органи ќе мора да го завршат увидот за причините кои доведоа до пожарот кој за час и половина уништи се што имаше внатре.

Потоа Институтот за сеизмологија и Градежниот факултет ќе мора да испитаат во каква состојба е конструкцијата.

-Не зависи од нас. Еве, МВР се уште прави увид, записници се уште не се излезени. Сигурно ќе има вештачење нарачано, дали од Обвинителство или од некои засегнати страни. И тие се процес, и на крајот ќе треба испитувања на целиот материјал. Всушност, на критичниот материјал кој беше нападнат и најизложен, вели надзорникот Љубин Макаровски.

Во пожарот изгореле материјали кои секако требало да бидат дислоцирани. Но, тие биле планирани во втората фаза од реконструкцијата, а изведувачот не можел да ги тргне, додека не потпише договор. Сопственикот на компанијата вели дека голема среќа било што уште во 2021 година, од објектот биле отстранети огромен танкер со нафта и стара трафостаница. Доколку тие останале внатре можело да дојде до поголема трагедија.

-Изгореа елементи коишто сите тие коишто требаше да се дислоцираат. Се што беше вредно, се што имаше некаква вредност и за во музеј и за да искористи уште во 2021 година беше извадено од сала. Во глобала, во салата беа старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум. Баш напратови, ова што кажавте дека ни ја олеснало работата, сега ни е уште потешко, вели сопственикот на компанијата изведувач, Лазар Арсоски.

Градилиштето било осигурано од страна на изведувачот. Тој појасни дека на една полиса се осигурани сите објекти кадешто работат. Меѓутоа, Арсоски уверува дека секоја штета што е направена, а не е опфатена од осигурувањето, како и штетите на трети лица ќе си ги сноси изведувачот.